ШТИП: Библиотеката „Борка Талески“ од Прилеп гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки

Штип, 03.07.2021

Трајната поставка со 36 фотографии со последните занаетчии-репрезентите на прилепскиот еснаф, која што е финансиски поддржана од Министерството за култура, а чии автори се Моника Талеска и Александар Десоски, од денеска е изложена во центарот за култура во Штип.

Во рамките на манифестацијата „Штипско културно лето“, на покана на центарот за култура во градот под Исар и како плод на неодамна воспоставената соработка меѓу двете институции е реализирано ова гостување.

-На наше големо задоволство, по воспоставената соработката со Библиотеката, за што потпишавме и Меморандум со директорката Моника Талеска, денеска за прв пат надвор од Прилеп се промовира трајната поставка на фотографии со прилепските занаетчии. Но, љубителите на уметноста може да ги погледнат и ретките изданија со книги, од раритетната поставка и издавачката дејност на установата“, рече отворајќи ја изложбата Горан Трајков, директор на штипскиот центар за култура.

Според уметничкиот директор на оваа установа Трајче Кацаров, овој мултимедијален настан ја збогатува понудата на центарот со квалитетни содржини.

-Поставката на фотографии чии главни актери се репрезентите на прилепскиот еснаф, изборот на литература и музичките изведби на  Добрила Грашеска, инаку вокалистка на групата „Чалгија саунд систем“ дава еден посебен шарм на културната понуда. На овој начин имаме едно покомплетно доживување на животот во прилепската чаршија-душата на Прилеп, рече Кацаров, детално осврнувајќи се на изложбата на фотографии.

Прилепскиот поет и писател Петар Петрески, вработен во Библиотеката во Прилеп, издвои акценти од богатата издавачка дејност,која се негува речиси 4 децении.

– ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп ги следи и имплементира современите трендови во библиотекарството, стремејќи се да прерасне во културен стожер на градот под Марковите Кули. Во таа насока, Библиотеката во текот на изминативе децении разви богата и разновидна издавачка дејност. Таа стана препознатлив и иманентен белег на нејзиното севкупно работење. Како резултат на оваа определба, Библиотеката во периодот што е зад нас издаде повеќе значајни монографски публикации, библиографии, каталози и поетски збирки. Тие, меѓу другото, претставуваат и документ на културното, уметничкото, спортското и општественото живеење и создавање на Прилеп. Неретко, тие дела по својата вредност го надминуваат локалното и регионалното значење, рече Петрески.

212861279_174366184597301_3559314066141007755_nДиректорката на Библиотеката Моника Талеска, рече дека во раритетната поставка на установата, која што брои околу 1000 книги, посебно место има канадската „Фамилијарна библија“ публикувана во 1879 година, потоа делото „Прилеп и неговата околина“ од српскиот интелектуалец д-р Јован Хаџи-Васиљевиќ, испечатено во 1902 година.  Дел од поставката е и книгата „Пастер“ од 1939 година, чиј автор Пастер Валери Радо, внукот на Луј Пастер, како и „Македонска литература и македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, во издание на „Култура“ во 1945 година.

209301969_2893721630940766_1653806896502491460_n-Раритетната поставка е наша особеност. Има извонредни дела кои се извор особено за научната јавност. Дел од оваа литература која што е освен на македонски и на руски, бугарски, српски, англиски и француски јазик, ќе мора да ја преведеме и да најдеме начин да ја ставиме во функција на нашата читачка публика и научната јавност. Зашто книгата „живее“ само кога е во допир со читателот. Но, денеска сакам посебно да се заблагодарам на вашето гостопримство. Амбиентот во којшто се изложени нашите поставки е извонреден. Гостувањето во Штип, прво надвор од нашиот град, за нас е од голема важност зашто се случува во година, кога одбележува 75 години од основањето на нашата установа, и 100 години од раѓањето на нашиот патрон, но и 100 години од раѓањето на нашите сограѓани, културни дејци: Блаже Конески, Коле Чашуле и Благоја Корубин, сите на свој начин го дале својот придонес за втемелување на македонскиот јазик, култура, правопис, драматургија, книженост. Наша обврска е како установа не само да го почитуваме, туку да продолжиме со перманентна промоција, на книжевните вредности, при тоа создавајќи квалитетивен раст со што ќе го подигнеме и нивото на нашата читачка публика. Гостувањето во Штип во таа насока е почеток на поинтензивна мултимедијална соработка меѓу двете установи, рече Талеска, упатувајќи повторно покана за возвратно гостување со културни содржини на штипскиот центар во Прилеп, во втората половина на септември.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе