ШТИП: Буџетот за 2022 година над 16 милиони евра

Штип, 29.12.2021

На денешната седница на Советот на општина Штип беше донесен и усвоен буџетот за 2022 година. Парите со кои најголемата општина во источниот регион планира да ги има во својата каса во наредните 365 дена и начинот на нивната употреба пред советниците ги елаборира градоначалникот Иван Јорданов. Штипсскиот општински буџет за идната година е проектиран на нешто над 16 илиони евра.

Jordanov Ivan
Иван Јорданов

Во продолжение го донесува во целост неговото излагање.

-За разлика од претходната година, лимитот кој Општина Штип го доби од Министерство за финансии за креирање на буџетот, а кој се проектира на база на просекот од приходите од последните 3 години од Буџетот на ОШ и средствата од остварените приходи од ДДВ, е доста помал од минатата година, кога заради Пандемијата Ковид 19, Владата одлучи да се зголеми Буџетот на Локалните самоуправи за 50% од приходите остварени во претходната година, кое само по себе овозможи да се направи доста полабав буџет.

Ние оваа година ја немаме таа можност, меѓутоа, со добро направената проекција и мотивот да креираме развоен буџет, кој целосно ќе биде насочен кон капитални инвестиции и модернизација на Општина Штип, предвидовме за повисок процент од буџетот за капитални инвестиции од претходната година, односно во 2022 година дури 37% од планираните буџетски средства ќе бидат издвоени за капитални инвестиции.

Што значи дека иако креираме буџет во потесна рамка од околу 380 милиони денари, сепак, јавниот интерес го ставаме на прво место и успеавме да испланираме повеќе од 1/3 од годишниот буџет за капитални инвестиции.

Или, што би значело тоа во бројки?

Вкупниот буџет за 2022 година ќе биде 1.020.188.000 денари

Вкупниот буџет го сочинуваат неколку делови:

  • Основен буџет или буџет на Општина Штип – 378.543.000,
  • Блок дотации на буџетски корисници – 492.505.000
  • Самофинансирачки активности на буџетски корисници – 68.102.000
  • Донации за Општина Штип и за буџетските корисници – 81.038.000

Капиталните расходи, како што споменав и претходно ќе бидат 37%, а тоа е 138.755.000 денари, кои се предвидува да искористат на следниов начин:

Развојната 3 годишна програма, која беше усвоена на претходната седница на Совет на Општина Штип, предвидува 3 големи тригодишни проекти за развој на Општина ШТИП:

  1. Изградба на обиколница од бул. Гоце Делчев до Ново Село
  2. Изградба на крстосница на пресек меѓу улиците Борис Крајгер и Сремски Фронт
  3. Изградба на фекална канализација во нас. Железничка и индустрија во развој

За овие три проекти во 2022 година се предвидени 28.000.000 денари.

Програмата за уредување на Градежно земјиште, согласно буџетот за 2022 година предвидува 52.000.000 денари и тоа се средства со кои не само што ќе реконструираме и асфалтираме улици, туку ќе го унапредиме градското и урбаното живеење во нашата општина.

Во овој дел би можел да споменам дека планираме реконструкција на улиците во нас. Автокоманда, улиците во населбите Железничка, Чардаклија, Караорман, Балканска, Дузлачки рид, нас. Баби, улиците во населба Кадидере, но и голем број улици во централното градско подрачје.

Како резултат на идеите од граѓаните, кои ги консултиравме при планирање на буџетот за 2022 година, морам да споменам дека прифативме 10 фантастични идеи и ги инкорпориравме во исклучително тесната буџетска рамка.

Се работи за проектите:

  • Асфалтирање на улици во викенд населба Плуждино
  • Продолжување на пешачката патека до Караорман
  • Реконструкција на објект и дворно место во бања Кежовица
  • Детско игралиште во нас. Сењак
  • Јавен превоз до приградските населби
  • Уредување на тротоари во нас. Автокоманда
  • Асфалтирање на улица Панко Брашнаров
  • Светилки на патеката од Населбата 8ми Ноември до населбата Балканска
  • Поставување на Фотонапонски сончеви системи за јавните објекти или површини
  • Пристапна сообраќајна инфраструктура за лицата со попреченост

Навистина ми е драго што граѓаните на Општина Штип размислуваат исто како нас и овие идеи со задоволство ги прифативме!

Во однос на унапредување на водоводната и канализационата мрежа, освен проектите кои ќе ги работиме со ЈП Исар, Општина Штип и самостојно ќе обезбеди средства за реконструкција на колектор на мост во Ново Село, кое е еднен од приоритетите за нашата општина. Или, во овој дел, со првичните проекции за водовод и канализација ќе издвоиме околу 18.500.000 денари, кои мислам дека со првиот ребаланс на буџетот, оваа ставка ќе се зголемува, затоа што наша огромна задача е да обезбедиме здрава вода за пиење во нашиот град, како и хигиенски чисти животни средини за секој еден граѓанин.

Во ставката за реконструкција на патишта предвидуваме некаде околу 10.000.000 денари, кое генерално се однесува на патишта во руралните средини, меѓутоа, трошоците по оваа основа ќе се зголемуваат, а средствата ќе се обезбедат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за каде веќе имаме неколку предлог-проекти со кои ќе аплицираме во месец март, се’ со цел да ги доближиме селата до сите граѓани на нашата општина.

Во буџетот има еден дел кој буџетски се нарекува други градежни објекти, меѓутоа, поразбирливо ќе биде доколку кажам дека за спортски и детски игралишта, како и за поставување на урбана опрема, општината за 2022 година ќе одвои 13.500.000 денари од својот буџет, со цел да го направиме она што само го гледавме на слики или во други градови, а тоа се модерни, еколошки и со европски стандарди елементи за социјален развој на децата и младите.

Пандемијата не’ научи дека без дигитализација на услугите на локалната самоуправа не само што тешко можеме да генерираме приходи, туку сме онеспособени да ги извршуваме нашите надлежности, а тоа води кон давање на лоши, неефикасни и нетранспарентни услуги кон граѓаните. Ова не’ испровоцира во буџетот за 2022 година да предвидеме над 5.000.000 денари за дигитализација на општинските услуги, а тоа пред се’ се однесува на унапредување на системот за генерирање и ажурирање на податоците за решенијата за данок на имот, како и обезбедување на ГИС систем, со кој ќе станеме отворена општина за инвеститорите, граѓаните полесно ќе доаѓаат до информации од областа на урбанизамот, меѓутоа и некои од услугите ќе се реализираа по пат на електронски систем. Затоа, голем акцент се става на дигитализацијата и затоа одвојуваме значителни средства за обезбедување на модерни и лесно достапни услуги за сите граѓани.

Не би сакал да го изоставам делот што е многу важен, а тоа е дека во 2022 година ги намаливме претходно предвидените финансиски издатоци за репрезентации и дневници, а тој начин на однесување веќе го гледаат службите, преку штедењето и рестрикциите во однос на трошоците по овие основи во изминативе 2 месеци.

Почитувани советници,

почитувани присутни, почитувани граѓани кои не’ следите он лајн,

Наредната 2022 година, општината ќе направи исчекор и во делот на генерирање приходи. Веќе ви споменав дека планираме да ја ажурираме дата базата во однос на имотот на граѓаните, а сите решенија за данок на имот на физички и правни лица ќе се доставуваат електронски. Ова ќе придонесе уште на почетокот на вториот квартал на 2022 година да имаме зголемена наплата на данок на имот, кое ќе ни создаде можности за уште поголеми инвестиции и уште појасен правец на развој на нашата општина.

Освен тоа, во Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Штип за 2022 година, како што и само видовте имаме над 160 парцели за продажба. Нешто кое не се случило во изминативе години, или да бидам поконкретен во 2021 година не е продадена ниедна парцела. Јас ветувам пред сите дека максимално ќе се заложам да оствариме висок процент на реализација, а тоа ќе го направиме преку систематска промоција на парцелите пред сите заинтересирани граѓани и правни лица. Но, овде нема да застанеме. Веќе правиме планови за проектирање на Детални урбанистички планови за индустриски зони, кое ќе ни помогне да имаме поголема понуда и се разбира поголеми приходи по таа основа.

Во оваа прилика морам да ја информирам јавноста дека 9 правници веќе работат на решавањето на заостанати 3.000 предмети и тоа со забрзано и зајакнато теммпо, затоа што е срамно за општина како Штип да држи во фиока со години нерешени предмети, па макар и одбиени.

Во целина, тоа е она кое сакав да го споделам со вас, советнците во Совет на Општина Штип, но и со целокупната јавност.

На крајот би сакал да потсетам дека се’ она кое го ветувавме пред 2 месеци, веќе со јасна визија и концизен план ќе го оствариме во 2022 година.

На наредната седница на Совет на Општина Штип веќе ќе ги разгледате и останатите програми на локалната сдамоуправа, преку кои ќе се уверите во свежиот и модерен пристап во создавењето на проекти за развој на градот, рече Јорданов.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе