ШТИП: Интензивна монтажа на челичниот мост на Брегалница тежок 240 тони

Штип, 17.10.2019

На реката Брегалница во Штип интензивно се работи на монтажата на новиот, челичен мост кој значително ќе го растовари густиот сообраќај на влезот/излезот од градот кон индустриските зони и кон Скопје и Кочани. Штип, кој е еден од најголемите индустриски центри во државата, по 65 години добива нов мост со комплетно ново сообраќајно решение.

Мостот е дело на штипска „Актива“. Долг е шеесет, а широк десет метри и тежи 240 тони. Тој ја премостува втората по големина река во државата кај штипската населба „8 Ноември“ од каде новиот пат од околу еден километар води до новиот, годинава изграден кружен тек кај фабриката за чевли Баргала од каде започнува обиколницата. Вкупната инвестиција на „потегот над сите потези за Штип во независна Македонија“, како што го окарактеризира градоначалникот Благој Бочварски изнесува 58 милиони денари.

most01_800x534-Најзначаен е фактот дека преку новиот мост до своите работни места ќе патуваат илјадници вработени во штипските стопански организации за кои менаџерите на компаниите имаат обезбедено автобуски превоз. Преку овој мост ќе патуваат работниците од населбите Дузлак, Сењак, Автокоманда, 8 Ноември, Баби…Секако дека оваа патна насока ќе биде можност и сите останати граѓани со своите возила полесно да го напуштаат градот кога сакаат да отпатуваат во некоја насока, а целиот овој простор покрај Брегалница ќе биде магнет и за прошетки зашто на едната страна од мостот има и патека за пешаци, а се работи за исклучително убав предел кој вреди да се види, вели градоначалникот Бочварски.

Имаше најави дека челичниот мост кој е ремек дело на „Актива ДОО“ и е прв од ваков тип во источна Македонија ќе биде готов до месец јуни, годинава, но работите се оддолжија пред се поради безбедносни причини зашто „Актива ДОО“ не сакаше ништо да препушти на случајот. Во целиот овој проект доцнеше и ревизијата која ја вршеше катедрата за челични конструкции при Градежниот факултет во Скопје поради нивна презафатеност, изјави тогаш Иле Николов, првиот човек на „Актива ДОО“.

Последниот мост на реката Брегалница во Штип беше изграден на почетокот од шеесеттите години на минатито век кога градот, преку развојот на текстилните капацитети пред се, започна да се промовира во индустриски центар кој десеттина години подоцна имаше 22.500 вработени и по тоа беше втор по вработеност град во Југославија. Тогаш фирмите купија автобуси за превоз на своите работници, а тој мост, иако во текот на градбата се сруши и имаше една жртва, придонесе за брз и безбеден транспорт на луѓето и производите во сите изминати шест десетлетиа..

Кога точно ќе заврши поставувањето на мостот и негово свечено пуштање во сообраќај во Штип не се даваат прогнози, но сосема извесно е дека тој настан ќе се случи многу бргу.

Изградбата на овој мост има и историско значење за Штип зашто со негово пуштање во употреба ќе се намали притисокот на стариот камен мост на Брегалница кој датира од шеснаесетти век и е ставен под заштита на државата како историска посебност. Преку овој мост, иако тесен, се одвива добар дел од сообраќајот, што со пуштањето на челичниот мост ќе се избегне.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе