ШТИП: Неверојатниот НАНЧЕ изложува на 90 годишна возраст

Штип, 03.10.2018

Стојан Трниниќ-Нанче, штипјанец, пензиониран доктор на науки од областа на физичката култура, на 90 годишна возраст приредува нова изложба на свои уметнички слики!

Нанче е една од штипските легенди во образованието, а со сликарството како посебна привилегија за која вели дека му е дадена од Бога уште во младоста, многу попосветено се занимава по пензионирањето.

Професор д-р Нанче може да се види секој ден низ Штип како пазари, се шета низ градот и убаво си разговара со своите штипјани.

Тој на 90 години ќе ја има својата најнова изложба на уметнички слики во уметничката галерија Безистен. Изложбата се отвора во петок, на 5-ти овој месец во 18 часот а љубителите на сликарството ќе можат да ги видат делата на овој сеуште мошне витален штипјанец до 15 октомври.

НАНЧЕ е роден во Штип во 1928 година, а Факултет за физичка култура завршува во Белград во 1953 година. Долги години работи како професор по физичко образование во штипските училишта. Со отворањето на Вишата школа за физичка култура во Скопје (1965) бил примен за професор, а во исто време бил избран и за нејзин прв директор.

Подоцна, со отворање на Факултетот за физичка култура предава Теорија на физичката култура, а се пензинира во 1988 година како доктор на науки од областа на физичката култура.

Нанче слика во акварел техника, негова главна инспирација се мотиви од Штип и неговата околина, изложувал редовно на традиционалната Осмоноемвриска изложба на ДЛУШ, а самостојна има изложувано во Штип и во повеќе градови во нашата држава.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе