ШТИП: Нема повеќе паркирање на тротоари, пешачки премини…

.

Штип, 13.02.2018

Штипјани повеќе нема да ја надмудруваат локалната власт и да ги изигруваат законите во однос на паркирањето по системот „каде најдов празно место, колата ја ставив“. Надлежните служби и СВР се решени енергично да се справат со оваа појава. За тоа граѓаните на Штип денес беа информирани од Оливера Блажева, овластен сообраќаен инспектор во Општина Штип.

„Според законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Општината е надлежна за уредување на сообраќајот на локалните патишта и улици. Тоа, меѓу другото, опфаќа и поставување блокатори на возила на места што не се наменети за паркирање, како и отстранување на блокатори. Првично ќе се преземат мерки за возила кои се паркирани на пешачки премини, во ниво на крстосници, на паркинг места кои се наменети за посебна категорија на корисници како инвалидизирани лица и авто-такси стојалишта, автобуски стојалишта, тротоари, коловози и друго“, рече Блажева.

За непрописно паркирање возилата ќе добијат блокатори, а нивните сопственици ќе можат пак да ги возат откако ќе платат казна од 700 денари.  

Поставувањето блокатори и нивно отстранување ќе се спроведува од страна на овластени контролори на ЈП „Стипион 2011“ Штип. Блокираните возила ќе се одблокираат откако сопственикот ќе си плати 700 денари.

„За поголема ефикасност при реализирање на активностите ќе имаме координирана соработка со МВР СВР Штип. Поради зголемување на проблемите со нелегалното паркирање кои ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот, Општината ќе започне со спроведување на оваа мерка која ќе придонесе за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, посочи Блажева.

Таа го изрази уверувањето дека соработници ќе најдат во граѓаните и дека возачите ќе ги почитуваат законските одредби во оваа смисла па ќе нема потреба од казнени мерки.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе