ШТИП преку издавање општинска обврзница се задолжи за 4.000.000 евра

Штип, 16.11.2022

Oпштина Штип се задолжи со 4.000.000 евра преку издавање на општинска обврзница. Задолжувањето е водено од потребата за реализација на проектот „Заеднички активности за локален економски развој“. Ова задолжување е усвоено на денешната седница на Советот на Општина Штип без расправа.

Барање за вакво задолжување, во име на Општина Штип, до Министерството за финансии поднесе градоначалникот Иван Јорданов.

„Од направената анализа за кредитната способност на Општина Штип, врз основа на доставените податоци во барањето за задолжување, а согласно Законот за јавен долг, Министерството за финансии е на мислење дека Општина Штип, како носител на јавен долг има финансиски капацитет долгорочно да се задолжи преку издавање на општинска обврзница во износ од 4.000.000 евра во денарска противвредност за финансирање на проектот „Заеднички активности за локален економски развој“, стои во објавата на Министерството за финансии во врска со барање на Општина Штип за ваков вид на финансиско задолжување.

ПРОЕКТИ: Проектот за кој  Општина Штип се задолжи со 4 милиони евра предвидува изградба на ул. „Партизанска“, поврзување на Ново Село со бул. „Гоце Делчев“ преку изградба на обиколница преку населбата Пребег, инсталирање фотонапонски панели на неколку општински објекти, набавка на турбина за производство на 200 kwh.

Од ова мнинистерство уште укажува дека оваа согласност не преставува  никаква обврска на Владата на РСМ за гаранција и превземање одговорност за евентуални идни побарувања од Општина Штип како носител на јавен долг по основ на ова задолжување.

Програмата „Заеднички активности за локален економски развој“ се однесува на следниве проекти: Продолжување на булевар „Партизанска“; Изградба на обиколница  од бул.“Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку населба Пребег; Изградба на конзоли низводно од централниот дел на реката Отиња; Набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија со вкупен капацитет од 800 kwh на кровните површини на Општина Штип, ООУ „Ванчо Прке“, административната зграда на ЈП „Исар“ и Филтер станицата. Во овој проект се и набавка на турбина за искористување на водниот притисок од протокот на вода од филтер станицата  на ЈП „Исар“ за производство на електрична енергија со капацитет од најмалку 200 kwh како и изградба на затворен пазар.

Должничката обврзница е со фиксна камата од 4,75 проценти, исплатата на каматата ќе се врши еднаш годишно сметано од денот на регистрацијата на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност. Главницата ќе се исплати во целосен износ, заедно со последната исплата на каматата, односно по истекот на седум години од датурмот на регистрирњето на обврзницата во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Обврзниците ќе бидат понудени по продажна цена која е еднаква на номиналната и изнесува 500 евра по обврзница во денарска противвредност по среден курс на НБРСМ за евра на денот на уплатата. Ќе бидат понудени вкупно 8.000 обврзници во апоени од по 500 евра и ќе се издаваат по пат на јавна понуда, а можност да купат обврзници имаат сите физички и правни домашни и странски лица.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе