ШТИП: Пуштен новиот мост на Брегалница, има преубаво и сугестивно име – Иднина

Штип, 02.03.2020

Со пригодна свеченост денес беше пуштен во употреба челичниот мост на реката Брегалница. Градоначалникот Благој Бочварски рече дека мостот ќе се вика Иднина, зашто тој ќе и служи на поубавата иднина на градот.

На свеченоста присуствуваше техничкиот премиер Оливер Спасовски, потпретседателката во Владата за економски прашања Мила Царовска, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, градоначалници на поголем број општини од Источниот плански регион, советници, раководители на институции, граѓани.

Обраќајќи се пред присутните градоначалникот Бочварски рече:

-После 65 години локалната власт денес пушта во употреба нов мост на река Брегалница кој ќе го растовари сообраќајниот метеж во градот. Мостот „Иднина“ значително ќе придонесе во олеснување на протокот на работници, студенти и други граѓани од своите домови до работните места или до местата за студирање и обратно. Посебно сме горди што мостот е дело на наша, домашна фирма, на Актива ДОО која и со овој проект докажа дека ние во Штип имаме фирми од светски формат, рече Бочварски.

Според Бочварски, се работи за челичен мост чија конструкција тежи 240 тони, а  заедно со сите останати елементи мостот има тежина од 670 тони. Мостот има две коловозни ленти, тротоар за пешаци, долг е 60, а шиорк десет метри.

-Заедно со овој мост ја изградивме и сообраќајницата која завршува со кружен тек на булеварот „Гоце Делчев“, во должина од 1.200 метри на која поставивме 8.400 метри квадратни асфалтна површина. Целата инвестиција на улицата, мостот, кружниот тек и уличното осветлување изнесува нешто над 60 милиони денари, тоа се пари на Општина Штип, појасни градоначалникот Бочварски.

Споре Бочварски, мостот „Иднина“ поврзува разни делови од градот.-„Нека мостот ни донесе хармонија, стабилност и просперитет на сите“, порача градоначалникот.

Ппремиерот Спасовски рече дека денешниот ден е преубав за Штип и штипјани но и за целиот источен регион зашто мостот и целата оваа нова сообраќајница ќе им служи и на граѓаните од регионот кои во Штип доаѓаат по некоја своја потреба.

-По период од 65 години локалната власта пушта нов мост на реката Брегалница кој е единствен од ваков тип во државата. Важен е фактот дека мостот и сообраќајницата се изградени целосно со пари од буџетот на општина Штип, а тој е приоритетна желба на граѓаните на Штип.Јас и министрите сме дојдени тука за да дадеме целосна поддршка на локалната власт, а преку неа и на штипјани, зашто таа прави многу добри дела од значење за градот и неговите жители, рече Спасовски. Тој им честиташе на менаџерскиот тим на Актива ДОО за, како што рече „мостот кој е ремек дело“.

Спасовски информира дека денеска во Владата осумдесет општини потпишале меморандум со кој на општините им се обезбедува сума од 70 милиони евра за изградба на инфраструктурни објекти. Парите се од Светска банка.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе