ШТИП: Советници застанаа во поддршка на „Борка“

Штип, 30.09.2020

Штипскиот Општински совет денес ја имаше можеби најдолгата седница во овој советнички состав која траеше полни осум часа. Имаше интересна дебата, на моменти со искричави дискусии и ставови на релација позиција-опозиција, но највисок степен на единство беше постигнат кога беше даден предлогот локалниот штипски парламент да даде поддршка на  Здружението за борба против рак – „Борка“.

Сите советници без двоумење ги облекоа маичките со логото на „Борка“ и, во знак на поддршка на Здружението направија заедничка фотографија.

Од пред извесно време на списокот на Општински организации во градовите во нашата држава во кои постојат такви организации е придодаден и Штип. И Градот под Исарот веќе е запишан меѓу градовите во кои „Борка“ редовно ќе биде промовирана, а на кој список денес се Скопје, Битола, Дебар, Гостивар, Гевѓелија, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Ресен, Струга , Струмица, Валандово, Велес, Кочани и Виница.

Општина Штип си превзеде обврска да помага во сите активности кои „Борка“ ќе ги превземе во општината, а со цел да помогне во борбата против ракот.

Од „Борка“ деновиве изјавија:

Изминатиов викенд беше во знакот на розовата боја. За прв пат, Здружението „Борка – за секој нов ден„, како полноправен член на европската алијанса Think Pink Europe ја организираше големата европска кампања Race for the cure што е всушност продолжување на добро познатата и традиционална „Напред Розово„ прошетка за подигнување на свеста за борбата против рак на дојка.

Во повеќе од 33 европски градови беа организирани бројни активности преку кои јасно и гласно порачавме дека борбата со ракот на дојка не смее и нема да запре. Пациентите кои се соочуваат со ракот не се заборавени, особено денес во услови на пандемија. Ракот на дојка е еден од најголемите убијци на модерното време и тоа мора да го промениме. Денес, постојат современи и навремени прегледи и терапии и доколку се открие на време, ракот на дојка може да биде излечен.

Во оваа прилика сакаме да упатиме голема благодарност до сите оние кои застанаа зад Борка и ја препознаа големата хумана порака која сакавме да ја испратиме со оваа кампања.

Ете, и Советот на Општина Штип застана зад „Борка“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе