ШТИП: Јане МИЛАНОВ, најсериозен кандидат за в.д.градоначалник на Штип

Штип, 20.08.2020

Во штипската јавност денес многу живот се расправаше за тоа кој може да ја врши функцијата в.д.градоначалник, откако се дозна дека актуелниот „татко на градот“ Благој Бочварски заминува на функцијата министер за транспорт и врски во Владата на РСМ.

Јане Миланов
Јане Миланов

Со оглед на фактот дека има многу слободни толкувања на законите и „законите“ ние во целост ви го донесуваме член 54 од Законот за локалната самоуправа кој го третира престанокот на мандатот на градоначалникот, па вие толкувајте го кој како сака.

Член 54 од Законот за локална самоуправа

(1) На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:

– ако поднесе оставка;

– во случај на смрт;

– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;

– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;

-ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори;

– во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

(2) За оправданоста на отсуството од ставот (1) алинеја 6 на овој член одлучува советот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на советот.

(3) Членот на советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаите од ставот (1) на овој член е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

(4) Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (3) на овој член ја известува Владата на Република Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите од ставот.

(1) на овој член и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.

(5) Советот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата од ставот (4) на овој член, ќе избере еден од членовите на советот кој ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот.

(6) На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник во согласност со ставот 5 на овој член.

(7) Изборите од ставот 4 на овој член нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци.

Во градот се шпекулира дека функцијата в.д.градоначалник до избор на нов градоначалник што треба да се случи за шест месеци (февруари, 2021 година) ќе ја врши актуелниот претседател на Советот на општината Јане Миланов. Некои медиуми пренесоа информација дека претседателот на советот не може да го заменува градоначалникот, но треба да се биде прецизен и да се каже дека во овој случај не станува збор за замена туку за избор на вршител на должноста градоначалник, што прави битна разлика и го остава претседателот на Советот, еднкакво како и другите советници, да може да биде избран на оваа привремена функција како нејзин вршител на должноста.

Со оглед на фактот дека токму Јане Миланов, како претседател на Советот на Општина Штип, по силата на својата функција на „прв меѓу еднаквите“, од сите советници во овој состав имаше најтесна соработка со градоначалникот Благој Бочварски, и со оглед на неговиот подолг советнички стаж за очекување е дека токму тој ќе ја добие функцијата в.д.градоначалник која, согласно Законот ќе трае не подолго од шест месеци.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе