Што побараа, а што требаше да побараат градоначалниците од Истокот

Штип, 20.04.2017

  • Во времето кога градоначалниците од Источниот регион побараа продолжување на мандатите, колони автобуси полни со нашинци токму од овој регион заминаа по трошка живот во Италија и другите земји. Зашто живот не видоа и не гледаат дома. Градоначалниците ја згрешија поентата како и адресата на која се обратија со своето писание…

 

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Градоначалниците од Источниот плански регион деновиве јавно побараа ургентно да се донесат измени во Изборникот законик за да можеле да продолжат да ја обавуваат функцијата и по 15 мај, кога дефинитивно ќе мора да ги напуштат своите фотељи.

Градоначалниците, во јавната објава, рекоа дека во актуелната ситуација ќе дојде во прашање исплатата на платите на вработените во локалната администрација и во институциите кои се во надлежност на локалните власти. Дека нема да можат да се распишуваат тендери. Што, секако е точно.

Но, татковците на општините од овој регион, сите до еден од редовите на ВМРО ДПМНЕ, ја грешија поентата на проблемот за кој сега здушно се „борат“ да биде решен. Го адресираа своето предлог-барање на погрешна адреса. За тоа тие требаше да се обратат до својот шеф, партискиот претседател Никола Груевски. Да напишеа писмо со кое ќе побараа од Груевски тој да побара од својот потчинет, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, да си го почитува Уставот, односно да ја почитува јавно изразената воља на доминантниот број граѓани на Република Македонија. Воља изразена на последните предвремени избори.

Ако претседателот на државата се држеше до Уставот на нашата држава, многу време пред објавата на нашите „загрижени“ градоначалници ќе го дадеше мандатот на коалицијата која има 67 пратеници. Што е повеќе од доволно државата да заплови во мирни политички и секакви други води. Доволно да се отворат нови процеси, да се избегнат сите можни проблеми. Како што се оние за кои се јавно се произнесоа градоначалниците од регионот.

Во тоа е поентата. Проблемот не настана сам од себе. Тој е резултат на една лоша политика која го инсталира системот на заробена држава. Тоа е систем во кој една политика проценила дека ако таа не владе со земјата, тогаш никој друг нема да добие таква можност.  Тоа е политиката на вемерето и на Груевски лично.

Партија, политичка групација мора да води сметка пред се за стратешките интереси на државата. Повикувањето дека поради некаква „Тиранска“ платформа Груевски немало да ја предаде државата во други раце, како да е тоа негова дедовина, е нарцисоиден повик од типот „Само јас се грижам за државата“. И да е Тиранска, платформата на која се повикува екс премиерот е многу помала опасност од Тираниската платформа која предолго, цели 11 години, ја промовира и застапува тој како прв човек на вемерето, а кого слепо го слушаат сите негови поданици.

Во тоа е поентата. Нашите градски татковци требаше да се обратат на адресата на својата икона – Никола Груевски. Да побараа да ја ослободи заробената држава. Да посакаа да заживее слободата и демократијата. Тука и сега. Aко беше така, по Устав и закон, денес ќе имавме локални избори и немаше да ги има проблемите за кои се огласија градоначалниците.

Но, тие не постапија така. И тоа е една од причините, тоа слугување на партијата а не на народот, доведе до ситуација регионот се поинтезивно да се соочува со процесите на испустување.. Најдобра илустрација за тоа се колоните автобуси полни со нашинци, кои од источниот регион во кој апсолутно владее вемерето, да заминаа по трошка живот во Италија и другите земји. Зашто живот дома ниту видеа ниту им е на видикот. А тие слики ги гледаме баш во времето кога нашите градоначалници како приоритет го поставија својот подолг и незаконски опстанок во фотељите, наместо приоритет да им биде опстанокот на своите сограѓани на родните огништа.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе