Koмарците слободно касаат, дали му посакуваме добредојде на вирусот „Зика“?

Штип, 19.07.2018

И во Европа тревогата од можната појава на вирусот „Зика“ чиј преносител се комарците е дигната на повисок степен. Пред два месеци во Португалија, во организација на СЗО, е одржана дебата од која е испратено предупредувањето дека е крајно време за превземање на неопходните мерки за спречување на доаѓањето, а потоа и на неизбежното ширење на оваа заразна болест на стариот континент. Светската здравствена организација го презеде овој потег по сознанијата дека овој вирус, во овој век, е одговорен за големата епидемија од Зика грозницата на островот Јап во Микронезија каде заболеа три четвртини од жителите, а по што оваа болест забрзано започнала да се шири во Јужна и Латинска Америка и на неколку острови на Карибите каде сега е голем здравствен проблем.

Кај нас проблемот со комарците последниве години, вклучително и оваа, како да се занемарува. Наместо местата за кои се знаат дека постојат ларви и дека од нив се излегуваат комарци да бидат третирани авионски и на време, тоа се прави теристеријално, односно со автомобили прилагодени за таа цел. Граѓаните се шегуваат со зборовите „Варбургот пак напаѓа“. Државата нема стратегија како да се справи со овој проблем кој со паѓањето на првиот мрак го чувствуваат сите граѓани кои престојуваат на отворено, па решавањето на истиот е оставено на општините. Иако државата е регионализирана, дури и во рамките на регионите ретко кога се договараат заеднички активности. А комарците, не ли, не знаат за општини и регионални граници.

Прскањето е задоцнето цел месец. Општините мора да се договорат, процесот мора да биде регионален зашто комарците не знаат за граници. Уништувањето на ларвите мора да биде кон крајот на март и почетокот на април, а не во јуни/јули како што е сега….

„Во источниот дел на државата, каде се сите оризови ниви како извор на комарци, каде има поголем број застаени води и речни текови, во кој е втората по големина река Брегалница, не постои регионален договор, а секоја општина сама за себе одлучува дали и како ќе го изврши третирањето против комарци. Годинава Штип како најголема општина се одлучи за теристеријално прскање со автомобил наместо со авиони. Овој принцип го прифатија и општините Чешиново-Облешево и Карбинци каде се најголемите оризови ниви кои се царство на комарците. Но, прскањето од авион и со возило кое оди само по добри патишта не е исто. Во кочанско-виничкиот крај, на барање на општините, прскавме авионски. Истото важи за целиот Југоисточен региона од Радовиш преку Струмица и Ѓевѓелија до Дојран, иста е ситуацијата и со североисточниот регион со Куманово како најголем град и регионален центар. Штип десет години прска од земја, иако е најголем град и регионален центар, вели Никола Петковски, сопственик на „Бони Ер“, фирма која поседува четири авиони за ваков вид намена.

Граѓаните летово се соочуваат со голема наезда од комарци бидејќи временските прилики погодуваа на нивното размножување и опстојување. Пролетта беше многу врнежлива, имаше големи тревнати а влажни површини како рај за комарците, а тука е и немањето државна стратегија.

„За добар резултат, за вистинско справување во борбата со комарците, неопходно е првото-ларвицидно прскање да се направи кон крајот на месец март, а потоа да има уште најмалку три до четири прскања на секои петнаесет дена по едно. Без такво нешто нема квалитетни резултати. Во Југоситочниот регион на двапати  третиравме подрачје од 6.000 хектари, Источниот регион има околу 5.000 хектари за третирање но третиравме само 1.300 хектари во кочанско-виничкиот регион се до Македонска Каменица“, вели Петковски.

Во Скопје и околината прскањето било извршено со авини на Аеро клуб Скопје. – „Имавме едно третирање на 15.000 хектари површина, а викендов прскавме и против ларви при што третиравме 1.700 хектари. Имаме договорено уште две прскања против комарци, и исто толку потив ларви. Сакам да кажам дека прскањето годинава е задоцнето, прскаме дури цел месец по крајниот рок за прскање, а колку што сме информирани нарачателот имал проблеми со тендерот за хемикалии. Ние имаме два квалитетни авиони за оваа намена и штом добиеме налог веднаш пристапуваме кон обврската“, ни рече Зоран Саздовски од Аеро клубот „Скопје“.

Според СЗО брзото ширење на вирусот Зика било резултат на фактот дека тој преку комарците стигнал на подрачја каде луѓето немале стекнато потребен степен на имунизација. Овој вирус се пренсува само преку каснување на заразен комарец кој е одговорен и за ширење на жолтицата Денга и на грозницата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе