KOЧАНИ: На „Осоговскиот велеслалом 2021“ на Пониква скијаа 82 скијачи

Кочани, 28.02.2021

На Пониква денеска се одржа „Осоговскиот велесламом 2021“. Во организација на Општина Кочани и на Скијачката Федерација на Македонија, се натпреваруваа 82 скијачки од Кочани, Скопје, Битола, Штип, Виница и други градови.

И покрај сончевото време и високите температури изминатава седмица, патеката ги задоволуваше критериумите за скијачкиот настан.

Градоначалникот Илијев ги поздравува учесниците
Градоначалникот Илијев ги поздравува учесниците

Во петте категории во машка и во женска конкуренција најуспешни беа: Нина Манасиева и Мартин Паниевски во категоријата цицибани; Ана Костова и Кирил Глигоров во категоријата  деца; Сара Димитровска и Дарко Ставрев во категоријата млади; Елена Шкларевиќ и Владимир Шкларевиќ во категоријата сениори и Филип Иљовски и Сибил Сутер Техада во категоријата ветерани.

– „Осоговскиот велеслалом“ покажа дека интересот за скијањето од целиот регион е огромен. Целта е со вакви настани да се промовира Пониква како скијачки центар и да се мотивираат децата и младите да научат да скијаат. Сакаме да го побудиме интересот воопшто за зимските спортови, што е уште една додатна задача за Локалната самоуправа и за сите чинители во државата – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

На „Осоговскиот велеслалом“ учествуваше и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада, која уште еднаш ја покажа поддршката во развојот на Пониква како зимски туристички центар.

(љ.а.)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе