Mузичкото училиште отвора паралелка во Свети Николе?

Штип, 22.08.2018

Постојат реални шанси Државниот музички училишен центар „Серѓеј Михајлов“-Штип од оваа учебна година да отвори своја паралелка во Свети Николе.

„Тоа е барање на многу родители од нашиот град чии деца учат или сакаат да учат во ова реномирано училиште. Моментално во Штип, секој ден, на настава од Свети Николе патуваат пет ученика и двајца наставници, но гарантирам дека ако паралелката се отвори во Свети Николе таа ќе биде полна со ученици“, вели Сашо Велковски, градоначалник на овој град.

Според Велковски, поголем број од децата не можеле да си дозволат секојдневно одење до Штип на настава и назад во Свети Николе од финансиски причини. И затоа тие не се запишувале во Музичкото училиште иако во себе го откриле талентот за музика.

„Имаме доволно добри просторни услови во Домот на култура, поарно за децата е наставниците да доаѓаат тука отколку поголем број деца секој ден да патуваат до Штип и назад. Ќе направиме сé што е во наша моќ оваа потреба и да ја реализираме“, вели грдоначалникот Велковски.

М-р Горан Кавраков, директор на ДМУЦ „Серѓеј Михјлов“ ја потврдува оваа информација. Вели дека барањето дошло од градоначалникот Велковски, а тие го прифатиле како одлична идеја и можност.

„Мислам дека е тоа одлична идеја. Се работи за паралелка вон Штип во рамките на нижото музичко училиште. Постојат реални шанси тоа да се оствари, а ние со градоначалникот на Свети Николе го ставивме на хартија предлогот и задутре ќе го испратиме до Министерството за образование чиј збор е пресуден“, укажува Кавраков.

Дали Свети Николе наскоро ќе ја добие својата прва паралелка од музичка насока, останува да покажат деновите кои доаѓаат.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе