Oд мене и од тебе зависи

Николина Атанасова, дипломирана новинарка
Николина Атанасова, дипломирана новинарка

Виница, 25.2.2017

Неформалноста создава продуктивност. Слободата често е злоупотребена, но може да се контролира и регулира. Ние луѓето постојано знаеме да најдеме изговори за своите неуспеси. Постојано вината е во некој друг, без да се погледнеме во огледало и да ги поправиме недостатоците, да се подобриме и да се разбудиме со прогрес. Тоа е проблемот и што се наоѓаме на дното на листата кога станува збор за рангирањето на образовниот систем . Експериментираме многу, а напредувавме малку.

Навикнати сме да го следиме стадото и рутината. Се плашиме од непознатото и промените, следиме клишеа.  Упорно тонеме во жив песок, се препуштаме на судбината.  Токму спротивноста на сето ова му носи успешност на финскиот образовен систем. Постојат многу митови дека Финска е богата земја, дека луѓето плаќаат високи такси. И ние овде плаќаме даноци, но не добиваме ни половина од тие услови. Нашите даноци не можат да стигнат само за патни трошоци на Бонева и сличните на неа. Пред се оние што ги кршеа новите компјутери, ги шкртаа клупите и лепеа мастики, ги уништуваа новите возови и автобуси не го заслужиле ни она што го имале на располагање.

Учителката од с. Ињевци ја зема истата плата како и учителите од многу општини кои не мрдаат со прст и секојдневно незадоволни одат на работа. Промените почнуваат од нас, а ние веруваме дека целиот универзум е против нас. Доволно никогаш и нема да ни биде, но јасно треба да се изјасниме што е она што му недостасува на нашето образование.

Во Финска нема приватни училишта, но ние државното не знаеме да го чуваме. Приватните институции цветат додека државните сами ги уништуваме. За подобар образовен систем потребно е примена на теоријата, учење практични вештини, експериментирање, мотивирање и охрабрување на учениците за непознати предизвици, слобода во креирањето и отвореност во умот. Но пред сево ова, потребно е да ги научиме идните генерации да го чуваат „бесплатното“. Финскиот систем самоуверено чекори на патот кон совршено образование благодарение на високото ниво на воспитание и култура.

Словенците се борат да го остават традиционалниот систем на учење во минатото и да ги користат новите методи за учење и засега добро им оди но имаат уште многу за да го постигнат саканото ниво. На нас ни треба пред се желба за напредок а потоа се останато. Заглавени сме во рутината и често се самоуништуваме. Чекаме да се случи чудо и магионичар да ни создаде подобро.Опкружени со демотиватори и демотивација

Дали е возможно да ги живееме нашите сонови, или сме принудени да се вклопиме во машинеријата за да можеме да си обезбедиме пристојни услови сеуште не знам, но нема да престанам да се обидувам да гледам позитивно на светот. Во ерата на технологијата и промените нема ништо подобро од обидот. Време е да се спротивставиме на пасивноста.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе