„Боров Дол“ за спокојна работа на „Бучим“ до 2031 година

7047

Радовиш, 24.01.2017

  • Општините Штип и Конче со нетрпение очекуваат овој рударски локалитет да проработи зашто од него во своите буџети ќе инкасираат сериозни пари, како што денес општина Радовиш инкасира над еден милион евра годишно…

Nikolajco bucim „Боров Дол“, новото рудно наоѓалиште на бакар и злато, е новата надеж за подолг стопански живот на рудникот „Бучим“ кај Радовиш. Овој локалитет ќе му овозможи на „Бучим“ стопански живот до 2031 година. Во исто време, активирањето на „Боров Дол“  ќе значи и финансиска инјекција за буџетите на општините Штип и Конче со пари од концесијата за експлоатација на минералните суровини. Затоа овие две општини со нетрпени очекуваат овој рударски басен да проработи, додека Радовиш и сега од концесии инкасира над еден милион евра годишно

-Геолошките исражувања на „Боров Дол“ започнаа пред неколку години при што геолозите утврдија рудни резерви од 41 милион тони рудни резерви, кои, со сегашниот капацитет на рудникот „Бучим“, обезбедуваат работа за период од десет години, односно од 2022 до 2031 година, кога постојните рудни лежишта кои беа или сеуште се во експлоатација ќе заминат во историјата, вели Николајчо Николов, заменик генерален директор во „Бучим“.

Содржината на бакар изнесува 0,235 проценти и 0,23 грама злато во тон сирова руда. Нешто што е на ниво на можностите на рудните тела кои се експлоатира(т) над три децении.

-„Боров Дол“ е на осум килкометри оддалеченост од рудникот „Бучим“, а проектот предвидува рудата од него да биде транспортирана преку бескрајна лента. Во фаза сме на прибирање понуди за изработка на главен рударски проект и студија за оценка на влијанието на проектот врз животната средина за што ќе биде организирана јавна дебата со учество на сите заинтересирани субјекти, посочува Николов.

Досега за потребите на овој рудник беа експлоатирани рудните тела „Вршник“ чија експлоатација целосно е завршена, потоа Централното рудно тело на кого резервите му се при крај, а останува до 2022 година руда да се вади само од рудното тело „Бунарџик“, но со паралелна подготовка и на рудното тело „Чукар-2 исток“.

-Новото рудно тело „Боров Дол“ ќе биде причина за измени во Законот за минерални суровини поради тоа што истото зафаќа територија на три општини, што со ниту еден друг македонски рудник досега не било случај. Така,  „Боров Дол“ во општина Конче зафаќа 56,75 проценти од својата вкупна локација, во општина Штип зафаќа 39,03 проценти, а во општина Радовиш скромни 4,19 проценти. Самиот рудник „Бучим“ во кој ќе се пработува рудата со сто проценти е на територија на радовишка општина. Значи, сите овие три општини ќе имаат удел во експлоатацијата и преработката на руда, а со тоа секоја од општините ќе може да смета на финансиска корист по основ на концесии, вели Николов.

Иван Бојаџиски