Боров Дол: изјавата на Поповска е неточна, неаргументирана, клеветничка

Боров Дол ќе го продолжи животот на Бучим до 2032 година

Радовиш, 26.07.2017

  • Поповска од непознавање или од лоша намера ги извртува фактите, навредува и клевети и затоа бараме нејзино јавно извинување, се вели во реакцијата од Боров Дол

Друштвото за производство и услуги „Боров Дол“ од Радовиш во остро писмо до партијата ДОМ на Лилјана Поповска, побара од неа јавно извинување и повлекување на, како што стои во дописот, „навредливата и клеветничка изјава објавена на прес конференција на ДОМ“.

Управителот Николајчо Николов
Управителот Николајчо Николов

-Изјавата на пратеничката и лидерка на ДОМ Поповска е полна со неточни факти дека се отвора уште еден рудник на смртта меѓу Штип, Радовиш и Конче. Неточно, неаргументирано и крајно злонамерно е нејзиното тврдење дека рудата од Боров Дол би се лужела со сулфурна киселина директно со отворен базен на планината, што воопшто не е точно. Уште еднаш укажуваме дека во Боров Дол би работел само отворен површински коп од каде би се вадела бакарна руда  и со транспортна трака истата би се транспортирала до рудникот за бакар Бучим, а би се преработувала во постоечката флотација која работи успешно 38 години.

Основната идеја со Боров Дол е да се продолжи работниот век на рудникот Бучим каде рудните резерви завршуваат во 2020 година, а со ставање во функција на Боров Дол работниот век на единствениот рудник за бакар во државата се продолжува до 2032 година.

Очекуваме Дом јавно да ја повлече својата изјава и јавно да ни се извини како што јавно неаргументирано не наклевети и навреди“.

Ова е содржината на писмото потпишано од управителот Николајчо Николов, кое писмо покрај тоа што е испратено до Поповска и нејзината партија ДОМ е  испрати и до градоначалниците на Радовиш, Конче и Штип, општини кои ќе почувствуваат финансиски бенефити од работата на Боров Дол каде ќе се отворат 200 нови работни места.