Бочварски во Сетубал: Од Штип направивме пристојно место за живеење

Сетубал, Португалија, 12.10.2018

СЕТУБАЛ БОЧВАРИзминативе денови делегација од Општина Штип, предводена од градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, беше во посета на Португалија, во градот Сетубал, а во рамки на проектот „Future od Europe Reload“. Градоначалникот Благој Бочварски имаше свое поздравно обраќање пред присутните на настанот.

„Во изминативе месеци напорно работевме за од нашиот град и од нашата држава да направиме пристојни места за живеење. Над 2,6 милиони евра се насочени кон инфраструктурни проекти во Штип.

Тргнавме по патот на вредни заложби и унапредување, со што Штип конечно го доживува развојниот подем кој го заслужува. Но, ние сакаме повеќе, сакаме да продолжиме да се движиме во иста насока и со засилен интензитет кон остварување на нашата заедничка цел: повисок животен стандард, подобро секојдневие за нас, уште подобро утре за генерациите кои доаѓаат. А, тоа за нас е возможно само со членство во Европската Унија.

БОЧВАРСКИ: наша заедничка цел е повисок животен стандард, подобро секојдневие за нас, уште подобро утре за генерациите кои доаѓаат. А, тоа за нас е возможно само со членство во Европската Унија

Вкупната годишна EУ помош за Македонија изнесува 90 милиони евра односно 260.000 евра дневно. Од нив, Штип може да употреби доволно средства за да стане едно од најпосакуваните места за живеење во регионот. Општина Штип денес се наоѓа на висока агенда на европските случувања. Сите посети од странските амбасадори и претставници на држави се наш дополнителен мотив да продолжиме да соработуваме со поразвиените европски држави за важни проекти кои ќе бидат во корист на граѓаните“, рече Бочварски.

Општина Штип, според градоначалникот, во изминатиот период во соработка со повеќе земји има аплицирано за неколку потребни проекти. Во 2018 година Општина Штип има аплицирано на проект преку ИПА Програмата за прекугранична соработка заедно со Општина Гоце Делчев од Бугарија, односно градинката „Сонце“ за заеднички акции за зелена иднина. Исто така во 2018 г., преку ИПА Програмата за прекугранична соработка Општина Штип и Дирекцијата за противпожарна заштита од Софија имаат аплицирано за заеднички проект. Од оваа година општина Штип е партнер на општина Аксаково во реализација на проектот „Иднината на Европа“, коа ќе се реализира од април 2018 година до мај 2020 година.

Овој настан беше во организација на градоначалничката на Сетубал, Мариа дас Дорес Меира, а присутни беа и градоначалници од други земји-членки на Европската унија и тоа од: Аksakovo (Бугарија), Ozarow Mazowiecki (Полска), Nughedu Santa Vittoria (Италија), Victoria (Романија) и Monserrat (Шпанија).

Треба да се одбележи дека Општина Штип веќе беше домаќин на градоначалниците од овие шест земји-членки на Европската Унија како дел од овој проект во јуни годинава. Соработката продолжува во иднина со други вакви настани.