Бочварски од Делчево: инвестирани 50 милиони евра во патната инфраструктура во источниот регион и во добрососедство

Делчево, 24.11.2020

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и пратеничката Соња Михаиловска денеска извршија увид во завршните градежни работи за реконструкција на регионалниот патен правец с. Бигла-с.Трстија во должина од над 4 километри со што се финализира реконструкција на вкупната делница во должина од 18 километри. Оваа делница екипи на „Македонија пат“ ја работеа во фази изминативе три години. Вредноста на работите на последната делница е 30 милиони денари, а вкупно за комплетната реконструкција се инвестирани 1.340.000 евра. Реконструкцијата опфаќа проширување на коловозот од 3 метри  на 5 метри широчина, поставување банкини и одводни канали.

Министерот Бочварски потенцираше дека МТВ инвестира во реконструкција и рехабилитација на патишта во источниот регион кој директно ја поврзуваат РСМ со соседна Бугарија.

az02-Во овој регион, како никогаш досега, се инветсирани 50 милиони евра што значи инвестираме во добрососедство и даваме целосно нова слика во патната инфраструктура во источниот регион. Интензивно се работи на изградба на експресниот пат до Кочани што е особено значаен за овој регион, посебно за крајниот исток, инвестиравме во транзитниот булевар низ Делчево, во рехабилитација на патниот правец од Делчево кон Граничниот премин, го рехабилитиравме патниот правец Берово-Клепало што е едно од прашањата и инетересите на двете држави да се отвори уште еден граничен премин кој ќе биде значаен за овој регион и можеме да дадеме свој придонес во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од двете страни на границата, во конекцијата и развој на економијата и даваме целосно нова слика на регионот, рече Бочварски.

Министерот Бочварски потенцираше дека МТВ има одлична соработка со Општина Делчево и додаде дека во Делчево во вториот лот од проектот „Македонија без кал“ поддржан од СБ за реконструкција се подготвуваат три улици кои ќе се реализираат идната година.

Градоначалникот Трајковски истакна дека со реконструкцијата на патниот правец с.Бигла-Виница се решава круцијален проблем за жителите од повеќе села од делчевската и виничката општина.

-Не треба да зборувам колку е важна реконструкцијата на овој регионален пат и кои се придобивките од реконструираниот и проширен коловоз, бидејќи жителите од овој регион добро знаат дека овој регионален пат е, всушност, и алтернативна врска на Делчево со останатиот дел на државата. Изразувам благодарност до Владата за реализацијата на овој значаен проект кој има директно влијание врз развојот на регионот и со реализацијата на овој инфраструктурен проект се решава круцијален проблем за жителите од повеќе населени места од делчевската и виничката општина, но се создаваат и нормални услови за сообраќај, поголема безбедност во сообраќајот и подобра комуникација меѓу Делчево и Виница, како и селата коишто гравитираат во овој регион, рече Трајковски.

Инвестицијата во патната инфраструктура има директно влијание во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, истакна пратеничката Михаиловска. Таа ги потенцираше значајните проекти кои МТВ досега ги има инветсирано во регионот, посебно во Делчево и додаде дека целта и на денешната средба со министерот е да се потенцираат приоритетите на регионот кои ќе донесат и подобар квалитет на животот на граѓаните.

Министерот Бочварски посетата на Делчево ја започна со работна средба со градоначалникот Трајковски и пратеничката Соња Михаиловска на која се разговараше за актуелните инфраструктурни проекти во Делчево, но и за приоритетите за решавање во наредниот период.