БУЧИМ: Хидројаловиштето пошумено со 1.370 нови садници багрем и аризонски чемпрес

19.05.2020

Со цел да се влијае на понатамошното подобрување на натамошно подобрување на условите во животната средина околу рудникот Бучим, во периодот од пролетва успешно беше извршено пошумување на низводната косина на браната на хидројаловиштето Тополница во рудникот Бучим.

Во првата етапа на пошумување, засадени се вкупно 900 садници од багрем и 470 садници од аризонски чемпрес, за биолошка рекултивација на хидројаловиштето на рудникот Бучим, на површина од 11.000 м2. Засадените дрвја ја стабилизираат низводната косина на браната и со тоа допридонесуваат за намалување на еолската ерозија, стабилизација на земјиштето, облагородување на површината, прочистување на воздух и подобрување на микроклиматските услови.

Пошумувањето на површината е тековна активност и се извршува редовно секоја година.  До крајот на 2020 година, според годишната програма за пошумување на низводната косина на браната, се планира да бидат засадени уште 2.000 садници од багрем и 1000 садници од аризонски чемпрес на површина од 30.000 м2.

“Пошумувањето на низводната косина на браната на хидројаловиштето е наша редовна активност, која секоја година ја спроведуваме, со цел одржување и зголемување на шумите и зелените површини во близина на рудникот. Заштитата на животната средина е важен аспект во нашето работење и ние се трудиме преку сите наши активности да го намалиме влијанието врз животната средина.” – изјави Николајчо Николов, заменик генерален директор на Бучим.

                                                                                                 Кристина Крстева