Во Штип и Кочани активирани кризните штабови

Штип-Кочани, 13.05.2019

Во нашиот регион за утре и задутре се најавува невреме со поројни дождови што беше повод да се акривираат кризните штабови во двете општини.

Во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип денес се одржа состанок на Општински штаб за заштита и спасување на кој беше констатирано дека општината и двете јавни претпријатија од денеска се подготвени да се справат со секакво невреме. Притоа, беше речено дека двете јавни претпријатија со своите капацитети ќе бидат достапни за граѓаните со цел да не дојде до поголеми штети.

slika_poplavaa„Во нашата општина се најавуваат врнежи од дожд во вторник и среда попладне, па согласно најавите ние како Општински штаб мораме да ги преземеме сите мерки. Од денеска двете јавни претпријатија и ТППЕ Штип се во приправност, а сите нивни капацитети, механизација и човечки ресурси коишто ги имаат на располагање ќе бидат во 24 часовна приправност при повик од Општинскиот штаб да бидат на терен и да ги преземат сите неопходни мерки,“ изјави градоначалникот Благој Бочварски.

Јавните претпријатија „Стипион 2011“ и „Исар“ ќе бидат во приправност со  човечки капацитети од околу 150 луѓе кои ќе бидат достапни за Општинскиот штаб за време на поплави и невреме, а додека ТППЕ Штип на располагање има 35 пожарникари. Општина Штип преку ЈП „Стипион 2011“ и ЈП „Исар“ во моментот располага со 100 кубици песок и во зависност од потребите ќе биде обезбедена поголема количина на песок во идниот период.

КОЧАНИ На состанок кај градоначалнико Николчо Илијев беше разгледана актуелната состојба со водотеците и каналите во Кочанско. Претставниците од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, Полициската станица од општа надлежност во координација со Територијална противпожарна единица и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ го анализираа теренот, предлагаа превентивни мерки и план за акција.

Според градоначалникот Илијев стручните служби ги дефинирале критичните точки и карактерот на евентуалните проблеми. Општинските служби добиле задача да стапат во контакт со претседателите на месните заедници од низинските населени местa, и оранжериите коишто најчесто се на удар на надојдени води, од кои се побарани превентивни акции и зголемена будност.

Во координација со Водостопанство „Брегалница“ ќе се следат котите на водите во двете вештачки езера „Калиманци“ и „Гратче“. За наредниот период метеоролозите најавуваат невреме проследено со обилни врнежи од дожд кој може да биде и од 50 до 70 литри на метар квадратен.