Вo Пeхчево празни стојат 200 куќи

Над 200 од околу илјада куќи стојат празни во малиот општински центар Пехчево. Тоа е 20 проценти од целокупниот станбен фонд во ова гратче на истокот од Македонија, кое се испусти посебно во последните десеттина години. Дека оваа состојба е точна ни потврди и градоначалникот Игор Поповски.

Според пописот на населението од 2002 година Пехчево, мал општински центар на крајниот исток од Македонија, имал само 3.237 жители. Денес и мештаните тврдат дека ги нема повеќе од 1.500. За тоа говорат големиот број празни куќи. Ако 200 куќи се сосема празни, до најголем дел од останатите живеат по еден или двајца постари лица.

„И под дрво и под камен да бараш тука работа нема да најдеш. Некаква надеж имавме во рудникот за бакар „Кадиица“, каде геолошки истражување изврши компанијата „Солвеј“ која го има рудникот за бакар и злато „Бучим“ кај Радовиш, луѓето сакаа да инвестираат, но се вмешаа екологисти и некои владини институции и работата остана статус кво. Имаше најава дека во рудникот ќе има работа за 150 млади луѓе, но факт е дека на „Кадиица“ работите одамна се запрени, вели Борис, млад човек кој е без работа и живее од пензијата на своите родители..

Ретките млади Пехчевци кои ги сретнавме во едно кафуле ни рекоа дека и за нив излезот се бугарските пасоши и бегството од родното огниште. –„Владата отвори индустриска зона во која можете да видите се само фабрики не. Се што може зема бугарски пасош и бега од државата, а и ние сме во таква постапка, ни рекоа Бранко и Стојмир, млади луѓе со кои разговаравме во локалното кафуле.

Но, не е само Пехчево испречен пред најголемиот предизвик на својот гол опстанок. Во Делчево се продаваат над 150 куќи, колку што се продаваат и во блиското Берово. Овие факти уште повеќе ја отсликуваат тажната судбина која, во годините на транзицијата, ги снајде жителите на овие убави места кои на времето имаа работа, добри плати или со еден збор –  среќен живот.

(и.б.)