ДВЕТЕ КНИГИ, ПРОМОВИРАНИ ПОСТХУМНО, ИМ ДОНЕСОА НОВ ЖИВОТ НА МАЛИТЕ ЗАПИСИ ОД ГОЛЕМОТО ВРЕМЕ, НА СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ НО И НА АВТОРОТ КИРИЛ ПЕТРОВ

340
Пишува: Елена Јосимовска, историчар
Пишува:
Елена Јосимовска,
историчар

Вчеравечер, четврток, 7 декември 2017 , во салата на Народниот театар во Штип, постхумно беа промовирани двете последни книги на Кирил  Петров кои,  за жал , тој не дочека да ги види. Сепак си замина од овој свет знаејќи дека Штипјани ќе ги видат и ќе го чуваат аманетот од малите  записи  за Големото време , и големиот човек и музичар,  Сергеј Михајлов.

Во салата покрај неговото семејство и блиските роднини, кои оваа промоција ја организираа како помен за 40-тиот ден од неговата смрт, беше присутна целата книжевна елита со која тој долги години наназад другаруваше, некогашни колеги, другари, пријатели и почитувачи на неговото дело. Силно се  чувствуваше тагата поради неговото физичко отсуство но и сите беа исполнети со гордост што неговата желба е исполнета на најдобар можен начин.

Кирил Петров беше и си замина, но се уште е со нас и тука ќе остане. Неговото  име ќе остане во овој град како синоним за театарски хроничар и како што рече  за него познатиот македонски поет, штипјанецот Михаил Ренџов „Тој не е театар – театарот е во него, а тој  живее низ него.“

Дел од присутните на промоцијата. Подолго време фоајето на театарот не било исполнето со такво присуство.
Дел од присутните на промоцијата. Подолго време фоајето на театарот не било исполнето со такво присуство.

И промоцијата  беше дел од  таа убава мисла на Ренџов, во тој театарски амбиент пред сите присутни, со пиетет се зборуваше за него и неговото дело.

Од лево: Михаил Ренџов, Столе Троицки и Благој Самоников
Од лево: Михаил Ренџов, Столе Троицки и Благој Самоников

За ликот  на Кирил Петров  и неговото дело Сергеј Михајлов, со видни емоции , зборуваше неговиот долгогодишен другар Стојан Троицки. Емоциите доаѓаа  поради  тагата за изгубениот другар но и заради големото задоволство што авторот со оваа книга посветена на големото музичко име за Штип , всушност му дава нов живот. Троицки не пропушти да каже дека Сергеј Михајлов, заедно со неговиот татко и плејадата личности од Царска Русија судбински се нашле во Штип. Овде Сергеј Михајлов ја донесе музиката, ја донесе првата опера, формира музичко училиште и го задолжи овој град. Неговиот предлог Штипјани да постават спомен плоча на зградата на Домот на младите во Штип  како место каде 1925 година е одржана првата опера во Македонија  е сосема оправдано и на место кажана. Тоа би било секако уште едно признание за големиот музичар кој од Штип  направи музички град.

Васил Тоциновски, кој специјално  за промоцијата  допатува од Скопје, зборуваше за неговата книга „Мали Записи Од Големото Време“. Остануваше  во повеќе наврати недоречен со цел она што тој треба да го каже им го препушта на читателите  самите да ја доловат суштината на она што тој сакал да им го пренесе. При тоа не пропушти да каже дека авторот преку овие дела што останаа зад него ќе остане  ѕвезда која вечно ќе сјае.

Пред присутните за ликот и делото на Кирил Петров зборуваше и Благој Самоников кој за оваа прилика беше напишал и песна инспирирана од неисполнетата желба на Кирил Петров, додека Михаил Ренџов видно возбуден од настанот се качи на подиумот и немаше сили било што да каже освен дека е импресиониран од она што собра и напиша Кирил и дека со тоа ќе остане вечно присутен меѓу Штипјани.

Општа оценка  за самата промоција ќе остане дека  отпечатените книги авторот Кирил Петров не доживеа да ги види, што секако е  една болна вистина, но да можеше да види и да слушне колку беше посетена оваа негова промоција,  кој се беше присутен и што се слушнавме за него и делата што останаа зад него секако ќе беше многу задоволен. Останува да се надеваме дека овие дела за Штипјани ќе останат аманет да го сакаат сопствениот град како што го сакаше  со збор и со дело.