Делчево добива мултикултурен центар

Делчево, 26.06.2018

Делчево ќе добие мултукултурен и мултифункционален центар кој треба да придонесе за унапредување на учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните на Општина Делчево во креирањето на локалните политики. Во моментов се подготвува просторот, сместен во зградата на Спомен-домот АСНОМ, а на почетокот на месец август, центарот ќе биде ставен во функција.

DELCEVO MULTIK 26.06.2018Проектот со наслов „Одговорни пред одговорностите“ го реализира Хуманитарното здружение за помош на лица со посебни потреби „Бравура кооператива“, во партнерство со Општина Делчево, ООУ„Св.Климент Охридски“ и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. Проектот е субгрант од Проектот „Здружени сили за заеднички интереси“, имплементиран од страна на ЦОСВ подружница Прилеп во партнерство со ЦГИ Прилеп и ЖГИ АНТИКО од Скопје, финансиран од Европска Унија во рамките на ИПА Програма за поддршка на граѓанско општество и медиуми 2014.

Александар Николов од Здружението „Бравура кооператива“ истакна дека, конечно, Делчево ќе добие мултикултурен центар.

-Ние сакаме со овој центар да придонесеме за воспоставување социјален дијалог со граѓанските организации и Локалната самоуправа во Делчево со цел да се подобрат локалните прописи за учеството на граѓаните во јавен живот, да се формира  координативно тело за соработка на Локалната самоуправа  и граѓанскиот сектор, да се подобрат воспитно-образовните и културни можности за децата од Општина Делчево преку заживување на мултикултурен и мултифункционален центар. Исто така, со опремувањето на центарот ќе се создадат подобри услови за работа на Советот на Општина Делчево, а ќе може и да се користи и како сала за венчавки, нешто што му е одамна потребно на градот, рече Николов.

Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека Општина Делчево секогаш дава поддршка на проекти од граѓанскиот сектор кои се од значење за граѓаните, а партнерството што се гради со граѓанските организации ќе даде придобивка за целата општина.

-Со задоволство прифативме да бидеме партнери во проектот и се вклучивме во доопремување на просторот, кој верувам дека ќе биде од голема корист, како за граѓанскиот сектор, така и за Советот на Општината. Мора да создаваме услови, а со тоа да градиме и партнерства кои ќе донесат придобивки за сите граѓани, рече Трајковски.

Освен адаптацијата и опремувањето на центарот во рамките на проектот се предвидени три главни компоненти: градење стратегија, програма за соработка и видливост и промоција на проектот.