ДЕЛЧЕВО: Илјадници гости на „Голачките фолклорни средби 2019“

Делчево, 09.08.2019

Илјадници посетители од Делчево, Виница, околните општини, иселеници од регионот и гости од соседна Бугарија беа дел од новото издание на „Голачките фолклорни средби“ што се одржа синоќа покрај манастирот „Св.Пантелејмон“ на планината Голак. Испишувајќи нова страница од организацијата на Фестивалот кој има ревијален карактер и со единствена цел афирмација и промоција на фолклорното богатство од земјава и од регионот, на сцената настапија над 200 учесници од фолклорни друшта од Измир-Турција, Женска и машка фолклорна група „Бистришки извори“ од Дупница-соседна Бугарија, како и друштва од Македонија: КУД„Кирил Пејчиновиќ“, с.Теарце, КУД„Вера Јоциќ“,Македонска Каменица, ансамбл „Китка“, с.Истибања, КУД „8 Октомври“ НУЦК Крива Паланка и, секако, домаќините од „Никола Јонков Вапцаров“.

d2_800x532За учесниците на фестивалот беа подготвени подароци и благодарници кои им ги додели градоначалникот Горан Трајковски кој и го отвори фестивалот. Во своето обраќање тој се наврати на значењето на овие традиционални „Голачки фолклорни средби“ уникатни по многу нешта.

– Верувам дека сите ги знаете почетоците на Фестивалот, оформен со Одлука на Советот на општината, кога група ентузијасти ја облагородуваат традицијата поврзана со легендите за исцелителната моќ на светецот Пантелејмон покрај истоимениот манастир на Голак, давајќи можност изворниот фолклор на познатиот Голачки собор да го добие фестивалот со што традицијата се слави и се издига заедно со растењето на фестивалот. Се одржуваат многу фестивали насекаде, некои се и организациски поголеми, но „Голачките фолклорни средби“ остануваат уникатни на овие простори, бидејќи се слави фолклорот под отвореното небо и на највисокиот врв на Голак, Чавка, на 1538 метри надморска висина, истакна Трајковски.

Трајковски додаде дека за него претставува задоволство и чест што е покровител и организатор на овој фестивал и што се испишуваат нови страници од една стара и вредна традиција.

– Наша обврска и понатаму останува да го надградуваме фестивалот кој е уникатен по многу нешта, да го промовираме неговото значење и сѐ повеќе да го обојуваме со меѓународни бои. На сцената да има широка палета од народни носии, изворни хорски и вокални традиции уникатни за одредени подрачја. На Голак вечерва, фолклорот обединува, но и го чува живото наследство и традицијата, рече Трајковски.

Годинашните „Голачките фолклорни средби“ се во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“од Делчево.