ДЕЛЧЕВО: Нова улица во централното градско подрачје

Делчево, 07.11.2019

Делчево доби нова улица во централното градско подрачје. Всушност денеска се асфалтираше улицата позната како „Станбена улица 4“ која ќе го поврзува новиот пешачки мост со детската градинка. Улицата е во должина од 200 метри со ширина на коловозот од 6 метри, а средствата во висина од околу 2.200.000 ден се обезбедени од Буџетот на Опшина Делчево.

Увид во градежните работи направи градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој истакна дека со реализацијата на овој инфраструктурен проект се дава нов урбан лик на централното градско подрачје.

-Комплетно изградивме нова улица која ќе даде нов урбан, современ изглед на овој реон во градот кој, иако се наоѓа во централното градско подрачје, досега беше запоставен и неодржуван и наликуваше на своевидна депонија. На овој потег ќе се гради и тротоар, ќе има комплетно улично осветлување, а се изгради и дел од Станбената улица 3 која се вкрстува со оваа улица со цел дополнителна пешачка и сообраќајна комуникација на стариот дел со новиот дел на градот, односно новата улица го поврзува новоизградениот пешачки мост на реката Брегалница со детската градинка и Основното училиште „Ванчо Прке“, истакна Трајковски.

Тој потенцираше дека во завршна фаза е тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на пристапните рампи на пешачкиот мост по што се очекува во најскоро време доколку дозволат временските услови, да се заврши овој капитален проект за Делчево кој е доста значаен за жителите од Старо Делчево и нивната комуникација со централното градско подрачје.

Инаку, вчера заврши асфалтирањето на крак од ул. „Орце Николов“, а во тек е и санацијата на ударните дупки на сообраќајниците во Делчево.

Во пакетот инфраструктурни проекти предвидени се за реализација и други проекти во Делчево и населените места. Изведувач на работите е ОСД „Кирил“ од Скопје.