ДЕЛЧЕВО: Повеќе компании помагаат за заштитните маски

Делчево, 24.03.2020

Делчевски фирми експресно одговораат на повикот на градоначалникот Трајковски и се вклучија во набавката и изработката на платнени заштитни маски.

Фирмата Алпин-ком донираше материјал за изработка на 4.000 маски. Во акцијата се вклучува и конфекцијата „Палтекс“ која ќе ги изработува маските, додека „Фротирка“ помогна во набавката на потребните репроматеријали. Деновиве и конфекцијата ИГМАТОМИ која има свој погон во с. Разловци изработи маски за лице и ги подели бесплатно на жителите во селото,  а во тек е акција на фирми од Делчево со која се собираат средства за набавка и на други потребни материјали за заштита.

Оваа голема акција за обезбедување основни заштитни средства за заштита од заразата, а наменети за надлежните служби кои се на првите линии во борбата со заразата, како и за граѓаните на Делчево, е вистинска рекција на одговорни и солидарни луѓе во време на криза, истакна градоначалникот Трајковски кој им изрази јавна благодарност за брзата реакција.

-Јас изразувам јавна благодарнот за солидарноста на овие фирми и следејќи го овој пример очекувам поддршка во борбата за зачувување на здравјето на нашите сограѓани и од други фирми и поединци. Сега е време за сериозни одлуки и постапки, сега е време да си помагаме едни на други и да обезбедиме заштита за нашите вработни во полицијата, здравствените работници, пожарникарите, цариниците, пензионерите, но и за младите и за сите граѓани, истакна Трајковски.

Инаку, во делчевската фирма „Милтекс-кал“, деновиве интензивно се шијат  околу 6.000 платнени заштитни маски за лице. Платното за маските го обезбеди Општина Делчево.

  Д.Такева