ДЕЛЧЕВО: Трајковски им додели стипендиите на најдобрите ученици

Делчево, 25.06.2018

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска организираше свечен прием за најдобрите делчевски ученици. Тој истакна дека доделувањето на ученички и студентск стипендии е мотив повеќе за поголеми резултати во образовниот процес.

 

Марија Мишева
Марија Мишева со градоначалникот Трајковски
Иван Даневски
Иван Даневски со градоначалникот Трајковски
Матеја Златкова со градоначалникот Трајковски
Матеја Златкова со градоначалникот Трајковски

Иван Даневски, матурант од СОУ „М.М.Брицо“ ќе добива по 3.000 денари наредните девет месеци, Матеја Златкова и Марија Мишева , првенци од основните училишта, „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“, ќе добиваат по 2.000 денари во текот на деветте месеци од учебната 2018/19 година.

-Горд сум на сите успеси на нашите ученици, бидејќи постигнатите резултати во образованието зборуваат за амбицијата на учениците да освојуваат нови знаења, но и за квалитетот на наставниот процес во делчевските училишта. Мора да истакнам дека како општина го следиме успехот на учениците и освен овие три стипендии кои ги доделуваме на првенците на генерацијата во училиштата, доделуваме и 24 стипендии на одлични средношколци и студенти. Годинава доделивме и 5 награди за освоени признанија на меѓународни натпревари. Мојата интенција е со овие награди и стипендии да се мотивираат учениците за поголеми успеси, но од друга страна, како општина да покажеме дека го цениме залагањето на учениците и нивните професори, истакна Трајковски.

Општина Делчево континуирано доделува стипендии за ученици и студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, но и за ученици и студенти чии семејства се материјално загрозени. По двата основа за учебната 2017/2018 година Општина Делчево додели 12 стипендии за ученици од СОУ„ М.М.Брицо“ и тоа во месечен износ од 1.000, односно 1.500 денари и 7 стипендии за студенти кои студираат на државните универзитети во РМ, во износ од 2.000, односно 3.500 денари месечно. Овие стипендии учениците и студентите ќе ги добиваат 9 месеци почнувајќи од месецот јануари 2018 година. Со цел стимулирање на нашите ученици да постигнуваат поголеми успеси во учењето, да учествуваат и да освојуваат награди на државни и меѓународни натпревари, општината доделува и парични награди за освоени награди на меѓународни и државни натпревари.

Исто така, Општина Делчево доделува и награда за најдобрите -матуранти од СОУ „М.М.Брицо“. Иван Даневски, Марија Николовска, Бојана Захариева, Никола Џабирски, Даниел Цоневски, Ивана Стојчевска, Билјана Стојановска, Викторија Диковска, Кристина Ангеловска и Ана Тасевска, ќе патуваат 14 дена низ Европа.