ЗАЕВ ОД ШТИП: Пендаровски ќе биде избран за претседател, Штип ќе биде запишан на светлата страница од нашата историја

Штип, 02.05.2019

Премиерот Зоран Заев е силно убеден дека граѓаните на 5 мај ќе го изберат Стево Пендаровски за претседател на државата. Во таа, како што тој ја нарече „света мисија“ Штип и штипјани ќе го дадат својот огромен прилог по што градот кој е и политички центар во државата ќе биде запишан на светлата страница од нашата понова историја.

„Цензус ќе има. Сите кои во нашата татковина сакааат да станеме дел од Европското семејство ќе излезат на гласање и ќе го дадат својот глас за Стево Пендаровски. Јас воопшто не ссе сомневам дека тоа нема да биде така“, порача Заев од трибината на штипскиот плоштад „Слобода“.

Премиерот и лидер на СДСМ остана на ставот дека ако противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова има макар еден глас повеќе, тој е подготвен веднаш да организира и да оди на предвремени парламентарни избори.

Заев уште еднаш ја спомна метлата давајќи уверување дека чистењето на  неспособните и неодговорни кадри ќе започне веднаш по претседателските избори в недела, на 5 мај годинава.

„Реконструкцијата ќе опфати министри и од СДСМ и од ДУИ и секој кој добро не си ја врши работата“, рече Заев.

Тој го спомна Цацко Конопишки.

„Ќе биде баш така како што рече Цацко – дај ново дете“, ја потврди својата теза за чистки на кадри на местата и позиции каде работите не одат на добро.