Заев утре во Штип ќе ја отвори спомен собата на Киро Глигоров

Штип, 17.07.2018

Утре, точно напладне, во Штип ќе биде отворена спомен собата во чест на првиот претседател на независна Македонија, штипјанецот по потекло Киро Глигоров. Спомен собата се наоѓа во Општинскиот мултимедијален центар кој го носи името на покојниот претседател, а кој центар е лоциран на влезот од познатото штипско излетничко место Суитлак.

kro-gligorov-tsentarНајвено е присуство на премиерот на Владата Зоран Заев, на штипскиот градоначалник Благој Бочварски, на повеќе министри од актуелната влада, градоначалници од регионот, на советници, на луѓе од јавниот и културниот живот на Штип. На свечениот чин ќе присустува и Донка Глигорова, ќерка на Киро и Нада Глигорови, како и негови најблиски соработници. Свое обраќање ќе имаат градоначалникот Бочварски и премиерот Заев. По нивните обраќања кои ќе бидат посветени на ликот и делото на Глигоров, ќе се одржи проекција на краток биографски филм за првиот наш претседател.

По свеченото отворање на собата на Глигоров што се очекува да го изврши премиерот Заев, присутните ќе можат да ја разгледат изложбата која во фотографии и текстови зборува за сите добри работи кои Глигоров ги има направено во текот на неговата политичка кариера и како прв претседател на нашата независна татковина.Во собата ќе бидат изложени и предмети кои на ОМЦ „Киро Глигоров“ ги даде Донка Глигорова,  а за кои Општина Штип се задолжи да се грижи и преку нив да го чува споменот  на покојниот претседател.

Граѓаните ќе имаат можност да ја посетуваат спомен собата секој работен ден во периодот од 9 до 11 часот, или во термин претходно договорен со општинските службеници задолжени за одржување на ОМЦ „Киро Глигоров“ и во него спомен собата на првиот претседател.