ЗА европска иднина, ЗА НАТО и ЕУ: Се вративме на вистинскиот пат и затоа имаме силна поддршка од светот

159
Пишува: Александар Ванев
Пишува: Александар Ванев

Македонија е новата голема надеж. Имаме поддршка и подадена рака од двата најголеми и најсилни сојузници во светот – НАТО и Европската Унија. Јасна е поддршката од нашите сојузници. Со отворањето на преговорите за ЕУ, домашните институции, граѓаните и целото општество влегуваат во интензивни административно – политички реформи низ кои поминале сите земји – членки на Унијата. Зачленувањето во ЕУ е позитивна промена која ќе резултира со изградба на европско општество и држава по европски правила.

Заслужуваме европска економија, а интеграцијата на Македонија во ЕУ ќе значи влез во 250 пати поголем пазар. Тоа значи посигурна и подобра економија, европски услови и задоволни граѓани. Членството значи неограничени можности за патување, квалитетно образование и пракса и признаени дипломи насекаде низ Европа. Преку европските програми за образование и мобилност младите од Македонија стекнуваат знаења и вештини кои им гарантираат добро платени работни места, тука, во нашата земја.

Градејќи пријателство со соседите, изградивме пријателствa со меѓународната заедница. Ова се искрени пријатели на Македонија. Со нивна помош ќе го дигнеме стандардот на нашите граѓани на ниво еднакво на европските држави. Европските фондови се клучни за развојот на Македонија. Со нив се изградија нови училишта, болници, патишта и мостови. Се поддржува развојот на земјата преку проекти за унапредување на демократијата, судството, образованието. Точно 260.000 евра дневно е финансиската поддршка која ја дава ЕУ за Македонија. Со почеток на преговорите, овие фондови постојано ќе растат. Тоа значи подобри услови за граѓаните, но и повеќе работа за домашните компании и организации.

Чувствувајте се горди, со договорот го зајакнавме македонскиот идентитет и го потврдивме македонскиот јазик! Ние сме и ќе бидеме Македонци што зборуваат македонски јазик. Заслужуваме да бидеме граѓани на модерна, демократска Европа. Македонскиот јазик ќе биде официјален во унија од 500 милиони жители. Сите официјални комуникации меѓу Република Македонија и земјите членки на Европската Унија ќе се водат и преведуваат и на македонски јазик, како официјален и признаен.

Македонија станува рамноправна 30-та земја-членка во најсилниот сојуз на светот, признаена, со право на глас и одлука. Македонија во НАТО! Влегуваме во безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Трајно ќе ги заштитиме нашите граници и територија. Македонија станува фактор за стабилност во регионот.

За безбедна иднина на нашите деца! Членството во Алијансата ќе донесе нови и големи странски инвестиции во економијата на Македонија. Инвестициите отвораат нови работни места, се зголемува растот на платите, ќе се зголеми извозот. Влегуваме во сојуз кој функционира според правила и прописи. Со исполнување на домашните обврски создаваме функционална држава во која владеат редот и законот и во која институциите се сервис на граѓаните – отворени и отчетни. Се вративме на вистинскиот пат и затоа имаме силна поддршка од светот.

Македонија е новата голема надеж за регионот и Европа. На 30-ти септември да ја осигураме нашата иднина! Затоа гордо и достоинствено излегуваме и гласаме за европска Македонија!