Земјоделки од Словенија во посета на Кочани

Кочани, 13.09.2019

Група од 65 земјоделки, членки на Федерацијата на жени фармери од Република Словенија денеска престојува во Кочани.

Во рамките на посетата која е поддржана од Министерството за земјоделство,  денеска гостинките ги посетија фабриката за преработка на ориз „Даниво“, женското земјоделско стопанство на Ленче Стојанова – регистрирана земјоделка од Кочани, а беа и на оризна нива во Подлог.

– Ние сме невладина организација, која служи за поврзување и соработка на земјоделките од руралните подрачја,  кај нас има многу жени кои имаат регистрирани фарми и преработувачки капацитети. Некои работат со млечни производи, некои со овошје, други со зеленчук. Имаме околу 5 илјади членови, наша должност е да ги здружуваме, а со тоа и да ги едуцираме, за да знаат земјоделките да се изборат за своите права и добро да ги претстават своите производи. И кај нас во земјоделството имаме проблеми, секогаш има нешто што не се исплаќа, секогаш знае да снема волја, но ние постоиме да ги образуваме нашите млади и тие да растат на фармите – рече Ирена Уле, претседателка на Федерацијата на жени фармери од Словенија.

На средбата со земјоделките присуствуваше и Никица Бачовски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој  потенцираше дека наскоро за првпат ќе биде објавен повик за грант од 3,000 евра за регистрирани земјоделки, за инвестиции во преработка на земјоделски прозиводи.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев истакна дека овој настан од меѓународно значење е важен за размена на искуства и за подобрување на економската моќ на жените;

Во рамките на четиридневниот престој во Македонија, земјоделките од Словенија ќе ги посетат Прилеп, Крушево, Битола, Ресен и Скопје.