Илија Димовски излажа, возилата се кршат по дупки како кратери

Штип,19.12.2016

Патот Штип-Велес, кај селото Кадрифаково, е во исклучително лоша состојба иако го поврзува истокот на Македонија со главниот град на државата. Во должина од над четири километри на стариот асфалт има неколку стотици дупки од кои дел се големи како кратери.

По овој пат секојдневно минуваат десетици илјади возила. Автомобили, комбиња, тешки товарни камиони, земјоделски машини, градежна механизација….И сите тие трпат големи оштетувања, а возењето по таа делница е исклучително несигурно.

01 По оваа делница се вози бидејќи веднаш до неа се гради делницата од новиот автопат Миладиновци-Штип. Но, наспроти изјавата на Илија Димовски дадена пред изборите во Штип дека автопатот ќе биде готов до крајот на годинава, и дека по него ќе се вози веќе од идната година, аргументите го тврдат сосема спротивно. Автопатот нема да биде завршен до крајот на 2017, а можно е на него да се работи и во 2018 година, ни потврдија од кинеската компанија „Синехидро“ која на меѓународен јавен тендер ја доби работата на оваа капитална инвестиција. Одговорни од оваа компанија ни рекоа дека имаат доста нерешени прашања кои ја успоруваат динамиката на изградбата и дека тоа е причина што новиот автопат наместо на 2 мај 2017 година како што беше предвидено, ќе биде завршен некаде пред крајот на идната година…

И додека новиот автопат се гради, по стариот, на споманата делница кај Кадрифаково, возилата доживуваат вистинска хаварија. Зарем е толку тешко во половина ден со тенок асфалт да се покрие оваа делница, да се пополнат дупките за возачите да не мора да се нервираат и да псујат секогаш кога поминуваат по него?

Секој возач кој плаќа за регистрација на своето возило има право да бара од Јавното претпријатие за државни патишта да му биде обезбеден пат кој ги исполнува најмалку минималните стандарди за возење по него. Делницата кај Кадрифаково не е тоа и оттука секој возач кој ќе претпри штета има право да бара надомест.