Иновативен камп –натпревар за средношколци во Делчево

Делчево, 23.01.2019

На 27 март, Делчево ќе биде домаќин на Иновативниот камп натпревар на средношколци во бизнис концепт, каде учениците во придружба на нивните наставници и во соработка со бизнис заедницата ќе можат  да ја претстават својата бизнис идеја и поблиску да се запознаат со современиот начин на работа мотивирајќи се да размислуваат проактивно и своите идеи да ги спроведат во работата.

Ова денеска го договорија претставници од организација на Џуниор Ачивмент Македонија и Општина Делчево на која беше потенцирано значењето на претпримништвото и претприменичко образование, финансиското описменување и јакнење на вештините за полесно вработување.

Љупка Панчевска, директор на ЏА-Македонија истакна дека Иновативниот камп трет пат се одржува во Македонија, но прв пат во Источна Македонија.

-На Иновативниот камп ќе присуствуваат стотина средношколци, наставници, претставници од бизнис-секторот, од Министерството за образование, од донаторот УСАИД, а настанот е осмислен така што учениците го осмислуваат бизнис- планот и изработуваат PowerPoint презентација. Секој тим има свој бизнис- волонтер кој е тука да им помогне на своите тимови со совети, предлози и искуства. Во вториот дел,тимовите излегуваат пред стручното жири и одржуваат презентација, истакна Панчевска.

Петмина ученици од делчевската гимназија СОУ „М.М.Брицо“ прв пат ќе учсетвуваат на ваков натпревар. Директорот на гимназијата Љупчо Прачковски истакна дека и досегашните напори на училиштето и поддршката на Општината се движат во насока да се проширува погледот на учениците  и да се поттикне претприемништвото и тие да се мотивираат како бизнис-идејата да ја преточат од концепт до стварност.