Колев, бугаринот од Штип ги поучува штипјани на цивилизациско однесување

Плочата која го иритира Колев

Штип, 15.02.2017

  • Убав, јавен одговор Колев доби само од Влатко Миташев, претседател на Советот на општина Штип кој го повика авторот на дописот да се поклони пред плочата која ја спомнува за злоделата кои ги има направено Бугарскиот окупатор во Втората светска војна…

Петар Колев, штипјанец со бугарско државјанство, жител на Софија, Бугарија, претседател на Бугарско-Македонското друштво, редовен проследувач и почитувач на панахидите на Ванчо Михајлов и Тодор Александров во црквата во штипско Ново село, испрати писмо до првите луѓе на Општина Штип во кое ги учи штипјани на цивилизациско однесување.

Револтиран од фактот дека на ѕидот од ООУ „Ванчо Прќе“ полни 33 години стои табла со потсетувања на залосторствата на бугарските фашисти, Колев им напиша писмо на градоначалникот Илчо Захариев, претседателот на Советот на општина Штип Влатко Миташев и на претседателот на Советот на родители Горан Карашов. Во писмото Колев нотира:

„Повеќе од 33 години на влезот од едно од најголемите, но и симболични училишта за нашиот град ОУ „Ванчо Прке” , стои мермерна плоча со следната содржина:

На ова место во злогласниот бугарски фашистички затвор масовно се затварани борци-комунисти од 1941 до 1944 година. Во него се измачувани, убивани и масакрирани повеќе борци од НОВ. Во знак на почит кон затворениците-борци за слобода на Македонија плочата ја поставува општинскиот одбор на СЗБ од НОВ.  8.11.1983 г. Штип

Убеден сум дека повеќето мои сограѓани безрезервно ги имаат прифатено како свои вредностите што промовираат дијалог, разбирање, соработка, добрососедство, развој и прогрес. Нашата општина доби на подарок мост од владата на Р. Бугарија, изгради прекрасен мултимедијален центар кој чини стотици илјади евра со средства од програмата за трансгранична соработка со европска Бугарија. Исто така многу граѓани на Штип се и граѓани на Република Бугарија, но и многу се во процедура за добивање на државјанство. Многу наши сограѓани го завршија своето образование во некој од бугарските универзитети, други работат во некоја од бугарските компании во Македонија или во самата Бугарија. Голем дел од бизнисот на градот е дирекно или индирекно поврзан со Благоевград и други градови на нашиот источен сосед.

Имајки предвид дека комунистичкиот режим е објавен за злосторнички во сите источно-европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, за што Собранието има донесено соодветна декларација, убеден сум дека содржината на таквиот текст кој пред се е исполнет со идеолошки предрасуди, а не со факти, покажува недостиг на елементарно цивилизациско однесување.

Мислам дека новите генерации не би требало да бидат индоктринирани со стереотипи од комунистичката епоха. Убеден сум дека местото и на Штип и на Македонија е во семејството на Европската Унија, семејство во кое веќе се наоѓа Република Бугарија и која би можела да биде од огромна помош за нашата интеграција.

За волја на вистината, ние како штипјани добро знаеме дека во периодот од 1941-44 г.не е откриена ниту една масовна гробница, ниту пак имаме информација и докази за масакрирање и измачување на кој и да е наш сограѓанин. Да, постоеле вооружени конфликти помеѓу партизаните и органите на тогашната власт, но тие конфликти биле од идеолошка природа. Сите загинати партизани се во директен вооружен судир, а не масакрирани, измачувани или убивани како мирни граѓани.
Немам ништо против од тоа да има обележје за загинатите од тој период, но не мислам дека обележје со таква содржина треба да се наоѓа на влезот од училиште и учениците секојдневно да го гледаат, затоа што таквата агресивноста во текстот е и една од причините за најголемиот вооружен конфликт во историјата на човештвото.

И за да бидам разбран правилно и да не бидам обвинат за тенденциозност ќе споменам неколку факти. На училиштето „Гоце Делче” во Штип, нема плоча со текст во кој се опишува како е убиен од турците или што правеле турците во Штип. На ниту едно друго училиште во градот нема плоча за српската окупација на градот. Никаде не можете да видите плоча за комунистичкиот режим и штипјани осудени и испратени во затвор во Идризово или Голи оток. Уште помалку пак ке видите плоча за убиените од комунистите.

Верувам дека местото на таа и на неа слични плочи е во музеј, како експонат на едно минато искуство низ кое поминала нашата земја, искуство кое доминирало во втората половина на XX век и кое денеска најчесто се изучува и компарира со фашизмот,сталинизмот или нацизмот како форми на тоталитаризмот“, стои во писмото на Петар Колев.

На писмото на Колев јавен одговор даде само Влатко Миташев. Еве која порака му ја испрати тој на Колев:

„За тебе Петре содржината на поставената плоча претставува, како што велиш  „недостиг на елементарно цивилизациско oднесување”…Можеби ти и твоите истомисленици треба да соберете сили и да се поклоните пред плочата како резултат на покајување за злоделото кое го има направено бугарскиот окупатор на овие простори за време на Втората светска војна. Впрочем, таков чин своевремено направија германскиот канцелар Геншер, а сега и канцеларот Меркел во знак на почит кон жртвите на холокаустот кој го има направено токму нивната земја – Германија. Тие не се срамеа да признаат дека направиле историско злосторство“, му возвраќа Миташев на Колев.

Понатаму Миташев вели:

„Намам чувство дека некој сега посебно и се лути на Репбублика Бугарија, но немојте да не присилувате да си ја бришеме меморијата од главата за минатотот затоа што во нашите фамилии сеуште има живи сведоци на тоа време и многубројни наследници на жртвите на фашистичкиот режим кој го практикувала тогашна Бугарија….И, да, местото на Штип и на Македонија е во современа Европа, но не онаква каква што ја замислуваш ти и твоите истомисленици со негирање на македонскиот јазик и нација, а сега и со барање за бришење на сеќавањето на минатото“, вели во дописот првиот човек на Советот на општина Штип.

Миташев јавно се заблагодарува за мостот кој е поклон од Бугарија и на Мултимедијалниот центар кој е прекуграничен европски проект, но…

„Складирањето на спомен плочите-сведоци на минатото се преголема цена што ја испорачуваш на штипјани. Апсолутно сум сигурен дека тој став не е став и на официјалната политика на Република Бугарија кон Република Македонија. Инаку ќе треба да го срушиме и Музејот на депортираните евреи од Македонија кој се наоѓа во Скопје…или можеби и евреите ги депортирале некои други окупатори на нашата земја во тоа време“, ја завршува Влатко Миташев својата преписка со Петар Колев.