КОЧАНИ:Илијев со поддршка на граѓанските иницијативи за чист воздух

Кочани, 08.11.2019

Претставници на граѓанското движење за чист воздух во Кочани денеска се сретнаа со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев. На средбата беа разменети мислења за состојбите и за активностите што се преземаат за да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух.

Градоначалникот Илијев го истакна ставот во врска со нивните барања и активности за чист воздух во Кочани.

K01_800x533– Сите сме за почист воздух! Се придружувам кон протестот на граѓанското движење, заеднички да се избориме за поздрава животна средина на начини во рамките на законските одредби и пропишаните надлежности – рече градоначалникот запознавајќи ги со конкретните мерки што континуирано се преземаат за да се спречи чадењето од Градската депонија.

– Вршиме површински третман на депонијата со земја којашто се вади од неколку градежни локации; наменивме 1,2 милиони денари за силиконско затворање на внатрешните жаришта и за спречување на чадењето на депонијата; вклучени сме во проектот за регионална депонија по европски стандарди, со што Градската депонија целосно ќе се затвори, а отпадот ќе се транспортира во регионален центар – истакна Илијев.

Се преземаат сет-мерки и против палењето на стрништата со: собирање на сламата за потребите на Пречистителната станица, со која ќе се произведува ѓубриво за посевите; подигање на јавната свест за штетите по животната средина и човечките добра од палењето на стрништата; поддршка за доследно изрекување казнени мерки за секој несовесен којшто ќе го пали стрништето да биде казнет, без селективност и компромиси; иницијатива за законски измени, по примерот на други држави – секој што ќе го спали остатокот на нивата по жетвата да не го следуваат субвенции.

Градоначалникот додаде дека е неопходно координирано дејствување со сите надлежни субјекти и со сите граѓани.

– Затоа субвенционираме греење на печки на пелети и на инвертер-клими – јавниот повик ќе биде објавен в понеделник – 11 ноември 2019 г. на веб-страницата на Општина Кочани; формиравме четири инспекциски тима со двосменска работа како дополнително засилување на општинската инспекција за животна средина и најавуваме дополнителен мониторинг на состојбата на воздухот во Кочани. Секојдневно инсистираме кај надлежните државни инспекторати совесно да интервенираат и да донесуваат соодветни решенија за фирмите со А и Б интегрирани дозволи, решенија коишто ќе бидат спроведувани. Со последното решение од Инспекторатот за животна средина на кочанска фирма ѝ е даден рок за поставување филтер на оџакот. Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули јавно соопшти дека во спротивно не ќе продолжи усогласувањето на нејзината интегрирана дозвола, којашто е во процедура во Министерството за животна средина и просторно планирање – информираше градоначалникот Илијев.

Претставниците на граѓанското движење за чист воздух во Кочани ги истакнаа иницијативите за кои тие сметаат дека се соодветни за побрзо справување со загадувачите на воздухот и го повикаа градоначалникот Илијев да се вклучи во протестот за чист воздух што ќе се одржи в сабота, на 9 ноември 2019 г. на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.