КОЧАНИ: Градскиот парк ќе се реконструира, објавен е јавен повик за избор на изведувач

Кочани, 24.02.2021

Општина Кочани го распиша јавниот повик за избор на изведувач за реконструкција на Градскиот парк. Набавката е делива и првиот дел ги опфаќа архитектурата, водоводот и канализацијата, а вториот се однесува на електрика и машинство за фонтана.

Според предвидените елементи и работи во техничката спецификација, Градскиот парк по многу нешта ќе го смени сегашниот изглед.

Партерното уредување на шеталиштето ќе зафати површина од 5.420 метри квадратни. Поплочувањето ќе се врши од северниот дел – мостот кај Шопинг-центарот, јужно  кон „Пролет“, сѐ до Двојниот мост. Подот ќе биде изграден од гранитни нелизгачки плочки. Во централниот дел на паркот, пред Центарот за култура, ќе се изгради музичка фонтана по принцип на распрскувачи. Ќе бидат поставени монтажни киосци, современо обликувана урбана опрема и информативно пано – билборд со мултимедијален екран.  Проектирани се нови амфитеатрални скали, конзолно спуштени кон Кочанска Река. Спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче ќе бидат преместени источно, а ќе биде изграден и санитарен јазол.

Реконструкцијата на Градскиот парк е со цел да се оформи осмислен простор како шеталиште, кое во себе ќе има привлечни содржини и ќе нуди различни можности за посетителите.

На реконструкцијата на Градскиот парк, ќе се надоврзи и изградбата на новиот пешачки мост „Пријателство“, за кој веќе се подготвува основен проект.

Рокот за поднесување на понудите за изведувач е до 22 март 2021 г. За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор кој ќе понуди најниска цена во текот на електронската аукција, чија понуда претходно е оценета како прифатлива.

      (љ.а.)