КОЧАНИ: За две години – инфраструктурни инвестиции од 8 милиони евра

Кочани, 16.10.2019

По две години од изборот, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на средба со новинарите направи кратка ретроспектива на реализираните проекти.

– Изминаа две години откако граѓаните на Кочани на Локалните избори во 2017 година ме избраа за градоначалник. Во овој период реализиравме повеќе од 8 милиони евра инфраструктурни инвестиции надвор од општинскиот буџет. Настојувавме да обезбедиме рамномерен локален развој, да ги подобриме условите за живот и во градот и во населените места. Обезбедивме изградба на нова детска градинка, реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“ и Мултикултурниот центар, планинарски дом на Пониква и велосипедски патеки во должина од 35 км од Кочани до Пониква.
Ги расчистивме милионските долгови на училиштата – тие сега со сопствени средства можат да инвестираат во проекти. Исплативме околу 1 милион евра за наследени кредити за асфалтирање улици и за јавно осветлување, истакна Илијев.

Само за половина од тековната година е реализирана целата општинска Програма за капитални инвестиции, што е причина за ново зголемување на средствата за развој.

– Досега за капитални инвестиции во општинскиот буџет вообичаено се планираа по 60 милиони денари, но согледавме дека тоа не е доволно и за оваа година направивме зголемување за уште една третина. Во меѓувреме обезбедивме дополнителни средства и со ребаланс што ни претстои ќе направиме вкупен пораст за над половина, односно ќе стигнеме до износ од 100 милиони денари. Со транспарентно и одговорно финансиско работење успеавме да ја намалиме вредноста на проектите во тендерските постапки, со што заштедивме околу 30 отсто од планираните средства. Тоа значи дека со истата сума ќе можеме да изградиме за една третина повеќе објекти, објасни Илијев, најавувајќи ги следните проекти.

– Претстојат значајни проекти: нов булеварски влез во Кочани, втора лента на „Ленинова“, кружни текови на „Тодосија Паунов“, реконструкција на Градскиот парк. За 20 % ги зголемивме средствата за спортот. Проектите зацртани во изборната програма се реализирани со 90 %. Реализиравме многу повеќе од зацртаното во програмата!
Оние што негодуваат за реализираното и се обидуваат да го потценат – само се плашат од резултатите, кои се неколкукратно поголеми и повредни од претходните – рече градоначалникот.

Илијев додаде дека изминативе две години гради натпреварувачки дух во работењето.

– Одговорно, транспарентно и отчетно – тоа се нашите принципи во работата со парите на граѓаните, принципи кои следниот градоначалник не ќе може така лесно да ги напушти, заврши Илијев и најави уште неколку форми на запознавање на јавноста со резултатите од работењето во изминативе две години.