КОЧАНИ: Несносниот чад од „Пејпар мил“ експресно ја „доведе“ во Градот на оризот директорката на Државниот секретаријат за животна средина

Кочани, 28.12.2020

Енормното загадување кое  на граѓаните на Кочани но и на дел од селата во кочанската котлина им го прави фабриката за хартија „Пејпар мил“, а по големиот вчерашен протест пред портите на оваа фабрика-загадувач,  експресно во Кочани ја „доведе“ директорката на Државниот секретаријат за животна средина Ана Петровска.

-Доколку наскоро состојбите не се променат, можно е затворање на фабриката. Граѓаните не треба да се сомневаат за некакви компромиси во битката за чиста животна средина, рече директорката Петровска на средбата со градоначалникот Николчо Илијев.

Петровска беше децидна во својата изјава дека со последното мерење од почетокот на декември е утврдено дека се надминати дозволените вредности. Тоа значи дека котелот на пелети не може да се користи со постојниот систем за пречистување на отпадните гасови и дека мора да се преземат одредени мерки. Од следните резултати ќе зависи дали и понатаму „Пејпар мил“ ќе може воопшто да работи, односно ако има отстапување од дозволените параметри ќе биде задолжен, наместо со пелети, да работи на метан. Ако тоа не е можно, ќе наредиме престанок на функционирањето на фабриката.

Градоначалникот Илијев рече дека тој како институција, дејствува според законите.

-Сметам дека здравјето на граѓаните е на прво место, а неспорно е тоа дека сите заслужуваме чиста и здрава животна средина. Нашите реакции за отстранување на долготрајниот проблем со загадувањето на воздухот во Кочани се секојдневни. Не сум против работата на стопанските субјекти. Наш интерес е стопанството да функционира, но само во рамките на законот. Затоа, повторно повикувам, фирмата од каде се констатирани емисии на штетни гасови, да работи според интегрираната дозволата што ја поседува, а надлежните да контролираат и соодветно да реагираат, истакна Илијев.

Градоначалникот уште нагласи дека локалната самоуправа, во рамки на своите законски надлежности, презема мерки за намалување на причините за аерозагадувањето: спречено е чадењето на Градската депонија; субвенционирани се набавките на печки на пелети и инвертер-климатизери, а општината стои зад проектот за спречување на палењето на жетвените остатоци.

На барање на членот на Советот на Општина Кочани, Сашко Стефановски, на следната седница, в среда, на 30 декември Општина Кочани ќе даде извештај за преземаните активности и применетите мерки во борбата против аерозагадувањето.