КОЧАНИ: Се градат улици од проектот за подобрување на општинските услуги

Кочани, 14.02.2020

Почна изградбата на првите три од планираните единаесет улици во Кочани преку Проектот за подобрување на општинските услуги.

Во Тркање се изведуваат земјените работи на улицата „Борис Ефтимов“ и на третиот крак од „Маршал Тито“, а во Оризари – на улицата „АСНОМ“. Градежната фирма „Ленди груп“, избрана согласно критериумите и процедурите на Светска банка, на овие улици ќе извршува градежни работи до асфалтирање, во вкупна должина од околу  700 м.

kc01Со одобрените средства од Меѓународната банка за обнова и развој, од компонентата Општински инвестиции ќе се асфалтираат уште осум улици: „Кирил и Методиј“, „Скопска“, „560“, „Стефка Тасева“ (со „Скоевска“ и „555“), „Петар Синадинов“ и „Искра“ во Кочани и два крака на „Раде Кратовче“ во Оризари. На дел од нив е предвидена и изградба на атмосферска канализација, потпорни ѕидови и тротоари. Од вкупно единаесетте, шест се во градот Кочани и пет улици се во руралните области.

Се очекува изградбата на овие улици значително да ја подобри патната инфраструктура во општината. Заедно со улиците и патиштата што се градат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бирото за регионален развој и од Буџетот на Општината, 2020 година е под знакот на максимален број инфраструктурни проекти во Кочани.