КОЧАНИ: Се реконструира Мултикултурниот центар

Кочани, 19.03.2020

Реконструкцијата и адаптацијата на Мултикултурниот центар во Кочани е во тек.

Стручните служби од Општина Кочани известуваат дека деновиве се работи на промена на кровната конструкција. Новото решение ќе биде со изолација и ќерамиди. Во внатрешноста се отстрануваат старите слоеви на ѕидовите. Се прават нови тоалети, а на приземниот дел од северната страна на објектот се копа до нивото на темелите за хидроизолација, која низ годините се покажа како неопходна за нормално функционирање на овој објект.

Градежните работи што следуваат опфаќаат комплетно нов водовод и канализација, ПВЦ врати и прозорци, термичка фасада, нови подови, промена на осветлувањето на објектот, сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Изведувач на градежните работи е „Анол импекс“ од Скопје.

Со реализација на овој проект Кочани ќе добие современи простории, на кои културните дејци и публика чекаат со децении.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е во рамките на реализацијата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, каде водечки партнер е Центарот за развој на Источниот плански регион, заедно со општина Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер.

Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.

                                                                                                           Љубинка Ајтовска