Миле со 1.300 афоризми во книга-џебно издание

142

Делчево, 18.02.2018

Најдобриот македонски афористичар Миле Ѓорѓијоски кој живее и создава во Делчево деновиве ја објави својата нова книга афоризми под наслов „Утрински афоризми“. Се работи за книга-џебно издание чиј издавач е „Унистар Велес“.

00002Во првото џебно издание на афоризми во Република Македонија на 325 страници застапени се 1.300 афоризми објавувани во викенд изданијата на Утрински весник. Дел од овие афоризми се наградени на домашни и меѓународни фестивали на хуморот и сатирата.

– Се одлучив за џебно издание од практични причини. Афоризмот е популарен и може да се чита и во автобус и во такси или додека чекате по канцеларии. Афоризмите беа популарни во викенд-изданијата каде што оставија посебен белег. Книгата е колку една дланка, а на страниците има сместено по четири или пет афоризми, исто како и кај книгите со стандардна димензија – рече Ѓорѓијоски.
Илустрациите се на Иваило Цветков од Бугарија, на Блаже Докуле и на Миро Георгиевски од Македонија. Кориците се на Миро Георгиевски, изборот на афоризми е на Валентина Тодорова, а рецензенти се Иван Бојаџиски, Ерол Ризаов, Васил Толевски и Милован Стефановски.
Деновиве од печат треба да излезе уште една книга афоризми на Ѓорѓијоски „Одиме на Венера“, која претставува збирка на најновата продукција од овој автор. Во оваа книга во која ќе бидат поместени над 3.000 афоризми на Ѓеорѓијовски, првпат ќе има детски афоризми што е иновативен дел, бидејќи досега нема книга издадена со детски афоризми.

Инаку, ова е 11 самостојно издание на Миле Ѓорѓијоски, а со своите афоризми е присутен и во 22 изданија на група автори.