Наскоро ќе почне да се гради детското игралиште во Трговскиот центар

Изборот на изведувач за изградба на детското игралиште во Трговскиот центар, во третиот обид, оди во успешен правец.

Службите за јавни набавки во Општина Кочани известуваат дека по завршување на електронската аукција, фирмата „Панел М“ од Тетово дала најповолна понуда. Претстои спроведување на останатите чекори од процедурата за комплетирање на постапката за јавна набавка, по што ќе започнат работите на терен.

Детското игралиште ќе се гради на површина од 460 м2, во продолжение на плочникот на јужната страна од Трговскиот центар. Подот ќе биде обложен со гумена подлога, ќе има модерни детски реквизити, зеленило, бехатон патеки, урбана опрема и осветлување со четири парковски столба. Рокот за изведба на ова игралиште е три месеци, со што на оваа површина ќе се реши уште еден сегмент во уредувањето на најпрометниот простор во централното градско подрачје и ќе се одговори на потребите на најмладата популација во Кочани.

Трговскиот центар е петта локација каде сезонава се градат детски игралишта. Веќе се  готови или во финално уредување се игралиштата во Грдовци, на улицата „Први Мај“ во Белското Маало, во населбата Драчевик кај социјалните згради и малата инсталација спроти Ветеринарната станица, каде допрва треба да биде поставен и нов асфалтен слој на теренот пред станбените згради.

Паралелно со детските игралишта се уредуваат и повеќенаменските во Тркање, Грдовци и Прибачево, а по иницијатива на жители од Трајаново Трло, стручните служби веќе планираат детско игралиште и во оваа населба.

Сите игралишта се градат со средства од Буџетот на Општина Кочани.