На градоначалникот, оти му се можело

Штип, 01.09.2017 г.

Нормалните луѓе нормалните работи ги обавуват во нормално работно време…Ама штипскиот градоначалник не бил таков…

Четири години градоначалникот не остварил добра соработка со Советот на општината. Оти му се сакало. Му се можело. Оти бил градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

На дел од советниците им ги блокирал мобилните кога тој тоа ќе си го посакал. Оти го мачела параноја. За што тоа тие ќе зборат меѓусебно. Да не нешто е заговор против него? Блокирал оти му се сакало. Му се можело. Оти бил градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

Одбивал состанок со координаорите на советничките групи. Зашто така му се сакало. Му се можело. Оти бил градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

Не сакал да го прими претставникот на жителите на селото Лесковица. Од саму нему познати причини. Зашто така му се сакало. Му се можело. Не можело кај него секој да доаѓа. Оти е градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

Четири години ветувал ама не сакал да изгради пат до Почивало, каде живеат 40 души. Изградил пат до село во кое живеат само тројца. Зашто така му се сакало. Оти бил градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

На советниците не им давал превоз за да одат на семинари и службени состаноци. Службен превоз давал само за кафекуварката, возачот, неговите од кабинетот. И за себе самиот да оди кога ќе посака во родното село. Оти така му се сакало. Му се можело…Кој ги ебе законите. Та тој е градоначалник. Плус тоа и прим. м-р!

Советот одлучил невладините организации да се поддржат со 1,7 милиони денари за тековната година. Тоа е законски. Ама тој порачал „кој го ебе Советот, кој ги ебе невладините. Јас ќе им дадам само 200.000 денари“. Оти ми се може. Оти сум градоначалник. Плус тоа и прим.м-р!

Нормалните луѓе нормалните работи ги обавуваат во едно нормално работно време. Ама тој не бил таков. Па им рекол на штипјани: „Ќе дојдете во 5 наутро, ќе ми се поколоните, но нема да можете да кажете за што сте дојдени бидејќи јас сум тој што цело време зборува, а вие само слушате за моите подвизи“. Оти јас сум градоначалник. Оти ми се може. Плус тоа сум и прим.м-р.

Градоначалникот на бугарскиот град Гоце Делчев во Штип на дебата рече дека по шести пат го избрале за градоначалник. На тоа штипскиот Нарцис возврати: „Тоа што на некој му требаат шест мандати, јас го правам за еден мандат“. И така, во името на градот го навреди гостинот од друга држава  Во иметот на добрососедските односи, секако! Оти е градоначалник. Оти му се сака. Му се може. Оти е прим. М-р…

(Продолжува во некоја друга пригода)

Иван Бојаџиски