Некои луѓе продолжуваат да растат и по смртта!

Охрид, 03.05.2017

  •  Посветено на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија, по повод 100 годишнината од неговото раѓање
Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Му благодарам на Господарот на Универзумот, што ми ја определи животната професија која, пак,  ми овозможи многу често да бидам во Ваша близина. Најнапред како известувач од Охрид  (му благодарам и на градот, без кој, ниту ќе бев она што сум денес, ниту ќе ја имав честа да Ве запознам!), а потоа, и колку некому, денеска, да му прозвучува како нескромност: како ваш семеен пријател.

Богатството е во пријателите, а не во ќупот полн со злато!

Неколкупати  ме почестивте со приството – во добата од мојот живот како угостител,  семејно сме биле и во други “заведенија” , од Вас ја добив честа, во Охрид, да Ви ја организирам промоцијата на “Македонија е се што имаме” и да бидам еден од говорниците, заедно со академик Георги Старделов и драгиот, наш, заеднички пријател  (Бог да му душа прости), професорот и истакнат правник, охриганецот со дух – Никола Крлевски.

Со Вас, со госпоѓа Нада, со ќерките Лилјана и мојата професионална колешка Донка, всушност Македонка. За прв пат за нејзе, откријам: “ Да му речам на тато да те испрати некаде надвор”. Никој пат тоа не го побарав од Вас, ниту за надвор, ниту за дома. Како што никојпат нема да заборавам, дека со Ваше интервју (бевте подготвени да дојдете и лично во студиото), го отворив моето Супер радио, а кога ја славевте првата 5 годишнина, не заборавивте да ни упатите честитка од една цела страница!

Во една прилика кај мене дојдовте и со вашиот внук Иван. Стројно, високо, тенко момче, налик на деда си. Јас, сполајму на Севишниот, ги имам четворица. Во Вашиот и мојот Охрид Пиперковски го снима играниот фил Дедо и внук. Двајцата од моите, стануваа во 6 наутро, статисти се во филмот. Како дедо им пред нешто повеќе од 55 години, со Ристо Шишков, во камењарот над Калишта – со Ристо Шишков и Дарко Дамевски.

Ете, Господарот на Универзумот, не сакал да ми овозможи, барем еднаш, да се сретнам со Вашиот син Владимир, иако ги “голтам” сите негови четива и предупредувања, напишани и кажани, по весниците и телевизиите.

Преку Вас, и покрај Вас, запознав и другарував со многу драги луге, од прерано починатата Снежана Османли, па Живко, Свето, дипломатот Бојче, мојот сограѓанин Ахил… Со вашите ангели-чувари: Зоран Носко и Цобе.

Да не бевме во ситуација, во каква што сме, ќе ги изоставев сиве овие зборови погоре и ќе напишев само една реченица. Но, за жал, и големо неверство кон Вас, од она се што ни го оставивте и од она “се што го имаме” (Македонија), на добар пат сме да го загубиме – засекогаш!!! Татковината ни е во прашање, а после тоа, откако некои ќе заминеме од овој свет, а некои ќе се дораспрскаме по отворениот свет (Македонија е една од ретките, која има помалку Македонци дома, отколку надвор!!!???), ќе ја изгубиме, не само земјата, туку и нашата последна татковина – како што не учеше мојот професор (читај ме добро Антонијо Пребледениот Кичевски!), ГОРОСТАСОТ од Небрегово, Блаже Конески.

На оние што и денес Ве омаловажуваат, а не Ви се – не до колената, туку до глуждовите, ќе им ја спротивставам мислата на Виктор Иго, дека во нормални, цивилизари земји, луѓето ги ценат по тоа не колку се високи и убави, туку какви се – од рамената нагоре! И што носат во тој завршен дел од телото! Вие го имавте и едното и другото.

На оние, кои денес, само за една (и бедна!) своја глава, го ставаат на коцка  ,,сето она што го имаме,, ќе им ја спротивставам една животна анегдота, што сте ми ја кажувале. Кога генералот на ЈНА (Кукањац ли беше, или некој друг-кукала им мајка!), се исчудувал : Дали се шегувате, или навистина  мислите дека Македонија нема да и се спротивстави на ЈНА – ако се повлече со сета опрема што ја има (заедно со штекерите откронати во касарните!?), вие сте му одговориле: Вие само заминете, понесете се што сакате, дури и со (сиктер) кафе ќе ве  испратиме!  Да не заборавам: Истите оние, “патриотите”,  што тргнаа во заробување на “флотилата” од  дури два патролни чамци во каналот во Охрид, и денеска, се во првата борбена линија, во “одбраната” на татковината!?

Почивајте, Претседателе во вечен мир, зашто Вие имало за што да се родите!

Пресетателе Глигоров: Не оставивте во европското, сега сме во предворјето на пеколот!? Па,сепак, има надеж: Post nubila Phoebus (После облаци сонце)!Вашата оставнина е во духот на овој народ. Небото почнува да се разведрува, со читателите ќе споделам една анегдота, колку да ги разведрам, да ги насмеам, барем, до половината од Вашата широка, речиси заразна насмевка. Енаш доаѓав кај Вас, горе на Калето, во вашата ”вила” според денешните мерила,на нашава аздисана камарила-речиси “колиба”? Ме вози, рековте, возачот (бог да му душа прости), по угорниниве намаваму, кога гледам една женичка, речиси бабичка, со огромен зимбил (торба) намирници. Му велам на возачот,  застани да ја понесеме, греотичка е! А, таа, онака, по охридски ни одбруси: Ја со чужди мажи не се воза!?

И уште еднаш ќе напишам: Да не беше ситуацијава во земјата, што Вие ја оставивте во предворјето на Европа, ваква каква што е, тоест- никаква (во предворјето на пеколот!?), ќе напишев, всушност, ќе препишев, само една реченица: Некои луге продолжуваат да растат и по смртта (Рајнер Марија Рилке)

И само уште ќе потсетев, на една моја колумна од Утрински весник (Претседателе и него веќе го нема!?), посветена на патриотот Тодор Петров Мртви, а живи – живи, а веќе мртовци!!!

(http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=E97C86500D11B84C9BF4B8CB032C886B)