НИКОЛОВ: Штип е град на талентирани и докажани пијанисти.

Штип, 31.03.2021

Огромниот успех на пијанисти од музичкото училиште „Серѓеј Михајлов“ го „доведе“ во училиштето и градоначалникот д-р Сашко Николов кој посака на талентираните ученици да им подари признанија за она кое тие го постигнуваат на натпревари во разни делови на светот.

Само во тековната учебна година за период од пет месеци учениците од ова училиште освоија 37 награди на интернационални натпревари во Америка, Русија, Јапонија, Канада, Белгија, Грузија, Украина и Словенија.

-Огромен аплауз за Михаел Тимотеј Пастоњицки, Душица Митрева, Михаела Мирова, Теодора Ноемина Пастоњицки, Бисера Јанева, Габиана Стоименов, Драгана Костова, Јована Гркова, Весна Самоникова,  Климентина Бојаџиева и Марко Насковски. Сите се од класата по пијано на м-р Марија Максимова. Сите тие на перфектен начин го претставија својот Штип насекаде низ светот каде настапуваа и се натпреваруваа во своите категории, рече Николов при денешната посета на училиштето и средбата со најдобрите.

Тој посебно ги пофали Михаел Тимотеј Пастоњицки и Теодора Ноемина Пастоњицки кои добија покана за настап во познатата концертна сала Карнеги Хол во Њујорк, Америка. Како едни од лауреатите на Интернационален музички натпревар, Јована Гркова доби покана за настап во Грузија додека Михаел Тимотеј Пастоњицки кој доби покана за настап во Москва.