ОХРИД: Наскоро „Езерска средба“ на ветрераните од обраната од четири соседни држави

Охрид, 18.03.2018

Во соработка со локалната самоуправа од Охрид и под покровителство на градоначалникот, професор д-р Јован Стојаноски, Општинската организација на  Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија, на 24 март, во форма на  “Езерска средба” на ветераните од Македонија, Албанија,Бугарија и Србија, ќе ја одбележи 10 годишнината од своето успешно делување во Охрид, во земјата-како најмасовна и најактивна, но и со активности на меѓунарден план.

Општинската организација на ветераните во Охрид, делува како матица на собирање на ветераните од Западна Македонија, бидејќи  тука е инкорпорирана активноста на ветераните од Струга, Ресен, Дебар, Ростуше и Маврови Анови. Како таков, огранокот е со најбројно членство – повеќе од 200 регистрирани.

Покровителот на манифестацијата, градоначалникот Стојаноски,по тој повод, одвоено ги покани градоначалниците на градовите околу Охридското и Преспанското езеро.

Централен настан на одбележувањето ќе биде Свечената седница (14,00 до 15,00часот) на која ќе говорат претседателот на Општинската организација на  Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста, полковник Добре Вељаноски, претседателот на  Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија, генерал Филип Котели, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски. Потврдено е учеството и обраќањето на претседателот на  националното здружение, на ветераните од Република Албанија, генерал Колонел Тома Кондури, како и на претставници на други здруженија.

Од Бугарија ќе присуствуваат претставници на партнерски асоцијации од Софија,Ќустендил и Дупница. Од Албанија,од Тирана, Пешкопеја, Елбасан, Поградец, Корча и Берат – градот со историски врски со Охрид, додека присуството на претставниците од овој, исто како и Охрид-град под патронат на УНЕСКО, ќе биде искористено за потпишување на официјална Повелба за соработка.

На свечената седница ќе бидат доделени дипломи,благодарници и признанија на соработници, гости и заслужни членови на асоцијациите на ветераните.

Домаќините, за своите гости организираат посета и разгледување на културно-историските знаменитости во старото градско јадро, како Самуиловите крепости,античкиот амфитеатар, Галеријата на средновековни икони, комплексот Св.Пантелејмон-Имарет и црквите Св.Богородица Паривлепта и Св.Софија.

Ќе бидат одржани и заеднички спортски натпревари, во дисциплините шах,пикадо,табла, пинг-понг и стрелаштво,како и заеднички ручек и прослава во хотелот Нова Ривиера.

(Веле Митаноски)