Пастрмајлијадата не е културен производ, Штип ќе бара нов концепт

Штип, 31.01.2018

Познатата Штипска пастрмајлијада не е и не може да биде дел од културните манифестации во општина Штип. За неа ќе се разговара и ќе се бара нов концепт.

Ова е заклучок на Комисијата за култура кој е прифатен и од Советот на Општина Штип на денешната седница.

Комисијата за култура е на мислење дека пастрмајлијадата во себе ги содржи сите состојќи на комерцијална манифестација во која профитираат главните учесници, пиварите и штипските угостители.

„Под култура не може да се подведе гостување  на Цеца, Лепа Брена, Харис Џиновиќ и останати популарни пејачи од соседна Србија. Тоа е забава гарнирана пастрмајлија, пиво и вино, што значи е и комерцијален настан. Покрај ова минатата локална власт ја помести пастрмајлијада во месец септември, а познат е фактот дека пастрмајлија не се јаде на плус 30 степени туку на минусни температури. Тоа било така зашто манифестацијата се одвивала по диктат на  пиварите, а кога веќе тие го диктираат настанот тогаш подобро е да се вика пиваријада, зашто во такви услови не и се прави чест на пастрмајлијата туку на пивото“, сметаат од Комисијата за култура.

За оваа година Општина Штип, согласно Програмата за култура, за пастрмајлијадата планираше да издвои 2,5 милиони денари. По одлуката на Комисијата која е прифатена од Советот на општината, ќе се оди на нов концепт по што ќе се види дали Општина Штип треба да вложува во оваа кулинарска приредба на отворено и, ако треба да вложува колкав треба да биде нејзиниот финансиски дел.