Патот Истибани – Македонска Каменица „плаче“ за долгорочно решение

Македонска Каменица, 11.02.2018

Секоја зима сликата се повторува. Делницата Истибани-Македонска Каменица како дел од важната сообраќајница која од Кочани води кон рударскиот град, одтаму кон Делчево и кон Македонско-Бугарската граница на неколу денови станува непрооден. На неколку километри пред рударскиот град големи одрони на карпи го затвораат овој патен правец.

Така беше и синоќа кога огромни карпи од ридот паднаа на патот. Голема среќа во несреќа беше што во тоа време кога карпите се рушеа на критичното место немаше возила па никој не настрада.

Еден месец на ридот работи машина која ги чисти карпите. Но, дали е тоа решение?

„Да, тоа е наш голем проблем. Се работи за многу лош, нестабилен терен на кој еден месец интензивно се работи за да се отстранат големите карпи од ридот кои се најголема опасност по безбедноста на сообраќајот. Се надеваме дека наскоро патот ќе биде исчистен и оспособен за сообраќај. За тоа време наше алтернативно решение е патот преку Биглата и Виница до „остатокот на Македонија“, вели Соња Стаменковска, градоначалничка на Македонска Каменица.

И рудникот Саса има проблеми од затворањето на патот
И рудникот Саса има проблеми од затворањето на патот

Оваа ситуација која се поворува секоја година прави проблеми и во работењето на рудникот „Саса“ од кој живее рударската општина.

„Имаме бројни добавувачи, деловни партнери, наши камиони превезуваат концентрат, за тоа им е потребно добар, сигурен и безбеден пат. Потребно е некое трајно решение, можеби потпорен ѕид кој не би бил подолг од 300 метри. Начинот на кој се решава проблемот сега не е добар, се тргаат големите карпи кои го држеа поситниот материјал и земјата, со тоа ќе се јави потребата од дислокација на десеттици илјади тони материјал. Потребно е струката да си го каже својот збор, државата има Градежен институт има и Градежен факултет кои се ценети и во светот, тие треба да бидат ангажирани и да понудат решение кое ќе биде корисно со децении, а не секоја зима да се доведуваме во опасност, да се затвора патот и да се работи на ваков начин“, укажува Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој во „Саса“.