Презентација на делчевски роднокрајни автори во Качарево, Србија

Спремо (лево) и Петровска (десно)
Спремо (лево) и Петровска (десно)

Македонска поезија и сатира,  создадена од делчевски автори беа претставени во Качарево, Р. Србија, во рамките на проектот на ЈЛБ „Илинден“ од Делчево  „Презентација на роднокрајни автори и размена на активности од библиотечното работење“ ..

Со свои творби пред многубројната публика во Качарево, каде 80% од жителите се Македонци, се претставија поетите Христина Деолска, Даниела Такева, Билјана Димитровска , афористичарот Миле Ѓоргијоски, додека наградуваните литературни творби од ученици ги претстави професорката Маријана Стоименовска.  Вечерта беше збогатена со изложбата на делата создавани со техниката енкаустика од авторката Христина Деолска, со карикатури на Јордан Поп Илиев, Блаже Докуле, Миро Ѓеоргиевски, а настапија и српски поети, но и ученици од ОУ „Жарко Зрењанин“ од Качарево кои учат и творат на македонски јазик.

За директорката на ЈЛБ „Илинден“ од Делчево, Билјана Петровска, оваа средба отвора можности за идна соработка со сродни институции.

Во Србија во 12 училишта се учи македонски јазик. Засега 250 ученици го учат македонскиот јазик, а заложбите на Националниот совет на македонското малцинстви во Р Србија е тој број да се удвои во наредната учебна година.

-Многу ми е драго што сме овде велат дека кога човек ќе стекне нови пријателства стекнува богат. Стапивме во соработка со библиотеката и со Домот на културата во Качарево и верувам дека ова е само почеток на една плодна соработка. Ние како библиотека подаривме нови изданија, наслови од роднокрајни автори, како и македонска литература која ,секако, добро ќе и дојде на училишната и градската библиотека , рече Петровска.

Невена Спремо, директорка на Домот на културата „Братство и единство“ во Качарево потенцираше дека  размената на искуствата се многу важни и со нив се збогатува понудата за граѓаните.

-Мене ми е многу мило што можеме да реализираме еден ваков проект, бидејќи размената на искуствата со братските институции е многу важна. Со тоа го унапредуваме нашиот развој нашите контакти, а ја промовираме и мултикултурата, бидејќи македонската заедница во Качарево е една од побројните националности и со тоа гледаме секогаш да организираме вакви пригодни програми, истана Спремо.

Во Качарево според пописот има 1.700 Македонци, но претстедателот на Здружението „Вардар-Качарево“ и член на Националниот совет на македонското малцинство, Симе Најдовски, истакна дека нивниот број е двојно поголем.

-Во ОУ „Жарко Зрењанин“, 30 ученици го учат македонскиот јазик како изборен предмет, но она што најмногу ни недостасува се нови дела од македонската литература посебно лектирите, како и учебници. Јас ја користам оваа прилика да се заблагодарам за подароците со книги на делчевската библиотека, но и испраќам апел до сите во Македонија да ни помогнат, за да го збогатиме фондот на книги на македонски, истакна Најдовски.

Проектот е поддржан  од Министерството за култура на РМ, а за негова реализација со сопствени средства учествува и библиотеката. Инаку, по период  од шест години, делчевската библиотека добива поддршка од Министерството за култура за реализација на проекти кои ја промовираат прекуграничната соработка на библиотеката.

Инаку, во Србија во 12 училишта се учи македонски јазик. Засега 250 ученици го учат македонскиот јазик, а заложбите на Националниот совет на македонското малцинстви во Р Србија е тој збор да се удвои во наредната учебна година.