ПРОБИШТИП: Ќе се побара повлекување на концесијата за хидроцентралата на Шталковичка Река

Пробиштип, 12.02.2021

Преиспитување на сите донесени одлуки за изградба на мини хидроцеднтрала на Шталковичка Река, официјално ќе побара Општината Пробиштип од Владата и надлежните министерство – Министерството за економија и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Иницијативата на градоначалникот Драган Анастасов, на вчерашната седница е прифатена од мнозинството, додека опозицијата гласаше воздржано.

Оваа иницијатива доаѓа во време кога инвеститорот на мини хидроцентралата, скопската компанија „ДИС Енергија“ ги има добиено сите документи за почеток на работите на терен, вклучувајќи ја и градежната дозвола, која Општината Пробиштип ја издала минатиот месец. Инвеститорот ги започна подготвителните работи на терен. Меѓутоа, по протестите на жителите на селата Турско Рударе и Шталковица, Општината Пробиштип реши да побара преиспитување на одлуките.

Аргументите на граѓаните и на Општината се исти како и на соседната општина Кочани. Дека ќе се гради мини хидроцентрала разбрале во август минатата година, кога инвеститорот ја завршил целата постапка.

„Во август ми се јави колега од друга општина и ми кажа дека во Пробиштипско ќе се гради мини хидроцентрала. Откривме дека оваа хидроцентрала е една од доделените 37 со одлука на тогашната влада од месец април 2016 година. Знаеме дека можностите се мали, ама не може да се занемари дека жителите се против изградбата на хидроцентралата“, изјави градоначалникот Анастасов.

Компанијата „ДИС Енергија“ во одговорите на нашите прашања појаснува дека работите на терен се на имот кој е сопственост на компанијата. Во однос на информациите дека Општината Пробиштип ја повлекува издадената градежна дозвола, компанија потсетува дека ги има сите документи и е почитувана комплетната законска постапка.

„Компанијата до сега ги има исполнето сите обврски кои произлегуваат од Концесискиот договор, а во моментот немаме информација за евентуално повлекување на дозволата за градба од страна на општина Пробиштип“, одговори во писмениот одговор директорот Влатко Тоневски.

Граѓаните од Пробиштипско и тие од Кочани побараа и оваа недела очекуваат заеднички состанок со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање. На состанокот очекуваат да ги образложат нивните аргументи против мини хидроцентралите на Шталковичка река и Мала река. Од друга страна, градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов е свесен дека едностраното раскниување на потпишаните договори, вклучувајќи го и тој за концесија на Министерството за економија, повлекува обештетување, а како што вели, за него и кривична одговорност.

Во атарот на Општина Пробиштип веќе има изградено три мини хидроцентрали, а најавена и изградбата на уште шест на Злетовичка река, во рамките за изградба на третата фаза на државниот проект ХС „Злетовица“.